Вработените во јавната администрација позитивни на Ковид-19 ќе користат боледување и ќе им се крати од плата.

Имено, иако Владата пред две недели одлучи на административците и општинарите боледувањето да им се исплатува 100 % од месечната плата, и упати препорака до приватниците да го прават истото, ја променија одлуката. Сега и вработените на државно и тие на приватно ќе добиваат 70, 80 или 90 проценти од плата, во зависност колку денови се на боледување.

На грешката укажале невладините организации и синдикалците, како и медиумите, кои во владината одлука видоа дискриминација.

Сите вработени што користат боледување до 7 дена се покриени со 70 проценти од плата, до 15 дена со 80 проценти, над 15 дена – 90 проценти. Во првите 30 дена работодавецот е тој што ги обезбедува средствата за боледувањето, по еден месец паѓаат на товар на Фондот за здравство. Сега еднаков е пристапот за сите, се повикавме на законот, и овие претходни заклучоци од Владата беа коригирани  – истакна министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Кога Владата ја донесе одлуката за исплата на 100 проценти боледување за Ковид-19 за административците, новинарите прашаа дали тоа не е дискриминација, а вицепремиерот Фатмир Битиќи тогаш тврдеше дека сите суспектни што седат дома добиваат 100 проценти од плата, без разлика дали се во државен или во приватен сектор. Но здруженијата беа категорични дека на терен не е така.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.