Владата на премиерот Зоран Заев не ѝ дозволи на канадската компанија „Еуромакс Ресурси“, по долгогодишните истражувања, испитувања и подготовки за работа, да стартира со производство на бакар и злато, со цел тоа да ѝ се дозволи на бугарска компанија. На ова пред неколку дена укажаа од непрофитното граѓанско здружение „Здрава Котлина“, чии тврдења никој не ги демантираше, а најмалку Владата на премиерот Заев.

Групата преку „Фејсбук“ сподели дека бугарска фирма, чие име засега не е обелоденето, маскирана преку швајцарска компанија од Кајманските Острови ја купила компанијата сопственик на рудникот Иловица-Штука, „Еуромакс Ресорсис“. Притоа, најмал проблем е што станува збор за бугарска фирма. Проблемот е што е непознато вистинското потекло на капиталот, висината на целата трансакција, како и тоа што се обелоденува дека се прекршени низа закони и штета нанесена на државниот буџет.

Зарем треба да ги толкуваме законите зависно кој прашува? Имаме ли ние закони, што си ги почитуваме или ова не важи за сите еднакво?

Значи имаме чорба, каша од бугарски капитал скриен преку швајцарска фирма и пренесен преку Кајманските Острови и за што не е платена јавна давачка од 7%, без разлика што тарнсакцијата се случила надвор од Македонија.

Факт е дека е променета контролата во управувачкиот пакет акции, еднаш над правните лица и понатму на физичките лица, што е евидентно од фотографиите.

Факт е дека ниту дозвола е побарано, па ниту е платена јавната давачка, согласно законот. Факт е дека многу мириса на корупција и перење пари!, изјавија од „Здрава Котлина“.

Сега отворено се поставуваат прашањата дали зад зделката не се крие некое бизнис-ветување на премиерот Заев, што досега не го исполнил во спроведувањето на Договорот со Бугарија, зошто и дали намерно и свесно не се спроведува контрола на целата постапка при трансакацијата, зошто е дозволено да се оштети државниот буџет, како тоа одеднаш бугарска фирма има предност над канадска и зошто се дозволи да се злоупотребат граѓански протести за чисто бизнис цели и интереси?

Само малку повеќе од една година беше доволно за да се дојде до вистината за добро инсценираните протести против работењето на рудникот Иловица-Штука. Зад целото, наводно, незадоволство на локалното население од струмичко Босилово и околината, под наивно образложение за заштита на животната средина и околина, излезе дека се криела алокација на капиталот и чисти бизнис интереси.

Проектот Иловица-Штука беше во целосна сопственост на Еуромакс ресорсис и имаше 30-годишен договор за концесија за експлоатација. Во јануари 2016 година беше објавена конечната студија за изводливост на целиот проект, која покажа целосна економска оправданост и овозможуваше масовна експлоатација на рудникот.

Врз основа на почетниот капитал потрошен за производство на 10 милиони тони руда годишно, проектот се проценуваше на 343 милиони американски долари и 20 години животен век на рудникот.

Но, Владата на премиерот Заев одлучи да го раскине договорот, со првично ветување дека нема да се дозволи работа на рудникот за сега да видиме дека, сепак, рудник ќе има, но со сосема нови сопственици!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.