Владата ќе префрли шест милиони евра на сметката на АД ЕСМ за да го преземе управувањето, дистрибуцијата, снабдувањето и производството на топлинска енергија за град Скопје за целата грејна сезона од моменталниот носител на лиценцата БЕГ, потврди денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Овие средства, како што кажа при денешната посета на општина Сарај, ќе се користат и во делот на плаќањето на разликата од реалната и постојната цена на топлинска енергија за цела 2022 година.

Прашан дали само шест милиони евра ќе бидат доволни за целата грејна сезона, Бектеши рече дека таквите проекции се направени од страна на ЕСМ, Регулаторната комисија за енергетика и раководството на ЕСМ – Енергетика, која произведува топлинска енергија, согласно постојните цени и берзанските цени на природниот гас за јануари.

Ќе видиме како ќе се движат и фјучерсите посебно за месеците февруари и март и откако ќе имаме понуди секако дека може тоа да биде и помалку, а може да биде и поголема цената што ќе не чини. Но, најверојатно согласно сите предвидувања цените ќе бидат помали од тоа што беа за јануари, рече Бектеши.

Прашан дали ЕСМ има доволно количини на јаглен за производство на електрична енергија, Бектеши посочи дека во моментов на депонија има околу 250 илјади тони.

Како што ме информира Комисијата која ја следи ситуацијата во делот на енергетиката и во топлинската и во електричната енергија можам само да ве информирам дека на депонија имаме околу 250 илјади тони за потребите на РЕК Битола што пред три-четири месеци не надминуваше ни 40 илјади тони. Количините се и наши и од увоз. Со овие 250 илјади тони РЕК Битола работи во континуитет, а дополнително тие може да се користат за да се зголеми производството ако има потреба и ако номинациите за некој ден би биле поголеми, потенцира Бектеши.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.