Седумстотини осумдесет и три илјади евра ќе потроши Владата за одржување и уредување на зелените површини. Според договорот што го склучила Службата за општи и заеднички работи, фирмата „Триста Груп“ во следните три години ќе треба да го одржува зеленилото во Владата, во резиденцијалните објекти и органите на државната управа.

Oдржувањето на зелените површини до сега било дел од тендерот за хортикултура, обезбедување, хигиена и тековно одржување, а сега за прв пат постапката се спроведувала посебно, со што наводно сумата на пари што сега се троши за ова намена е многу помала во споредба со онаа што се трошела претходно.

Според податоците од централниот регистар, фирмата „Триста Груп“, која била единствената фирма што се јавила на тендерот и го добила, има склучено 15 договори за јавни набавки во последните 12 месеци. Истата фирма има склучувано договори за слични услуги и со Град Скопје, Општина Карпош, Министерството за правда, за надворешни работи како и со Собранието.

И покрај тоа што Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ е надлежно токму за одржување на јавните зелени површини, Владата сепак троши илјадници евра на приватни фирми за оваа намена.

Пред само една година Владата распиша тендер тежок околу 670 000 евра за хортикултурно уредување на објектите на државната управа, поради што и тогаш имаше реакции од јавноста во однос на сумата што се троши за оваа намена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.