Владата  на денешната седница ги усвои дополнувањата на ребалансот на Буџетот 2020 година со амандманите кои беа прифатени во комисиската расправа во Собранието, и донесе заклучок вака утврдениот ребаланс на Буџетот да биде доставен на усвојување во Парламентот.
Согласно дополнувањата, вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетоза 2020 година се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари и истите се планирани на речиси идентично ниво во однос на планот, имајќи предвид дека со претходните измени и дополнувања на Буџетот истите беа планирани на реално ниво односно пониски за 11,5% во однос на иницијалните проекции на Буџетот.
Вкупните расходи се планирани на ниво од 252,8 милијарди денари или се 4,1%, односно за околу 10 милијарди денари повисоки во однос на планот. Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 56,5 милијарди денари, односно 8,49% од БДП. Имајќи ги предвид настанатите околности извршени се промени во однос на иницијалните проекции на расходната страна на Буџетот , пред сè за спроведување на активностите предвидени со четвртиот сет на мерки.
Во овие рамки обезбедени се дополнителни средства во здравствениот сектор за активности кои директно придонесуваат во борбата против здравствената криза, а се однесуваат за набавка на лекови, имунизација на население и други неопходни средства и поддршка на вработените кои се директно вклучени во борбата против пандемијата.
Тековните трансфери се планирани на ниво од 177,3 милијарди денари или за околу 11,2 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2020 година, а се однесуваат пред сѐ на преземените мерки за обезбедување на средства за имплементација на четвртиот пакет економски мерки од донесени од страна на Владата на Република Северна Македонија за справување со кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот КОВИД-19, а кои ќе имаат директен импакт врз реалната економија и директно помагање на приватната потрошувачка.
На денешната седница Владата го утврди и текстот на Предлог законот за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствен економската криза предизвикана од вирусот КОВИД-19, за месеците октомври, ноември и декември 2020 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.