Вакцинацијата во земјава ќе почне овој месец со 200.000 кинески вакцини на компанијата „Синофарм“, информираше вчера министерот за здравство Венко Филипче, додавајќи дека датумот на испорака ќе биде познат деновиве.

Првата количина вакцини против Ковид-19, кои ќе пристигнат во земјава во февруари, ќе бидат кинеските вакцини. Целокупниот процес на имунизација, согласно веќе подготвениот систем, ќе го почнеме со тие вакцини, истакна министерот, кој рече дека прво ќе се вакцинираат сите приоритетни групи.

Министерот за здравство посочи дека сите вакцини кои се на пазарот се безбедни, но оти преговорите кои Владата ги води со „Фајзер“, и тие кои сега завршуваат со кинеската компанија се тешки и бараат многу детали, заради тоа што и самите компании се под огромен притисок.

Постапката за набавка на кинеските вакцини според премиерот Зоран Заев се очекува да биде заокружена оваа недела и меѓу 10 и 15 февруари вакцините да бидат набавени. За олеснување на набавката, согласно нашите закони, Владата го обезбедила „Алкалоид“ како партнер.

Во самата постапка ја следиме компетитивноста за да може да добиеме што е можно подобри услови, а секако обезбедивме и партнер во државава, тоа е „Алкалоид“, доколку има потреба да се оди преку партнер заради почитување на македонските закони. Законските решенија се утврдени, се работи за начин на набавка по пат на преговарање за да се постигнат максимално компетитивни услови за да можеме час поскоро да ја обезбедиме и кинеската вакцина, рече премиерот Заев.

Први вакцини што ќе стигнат во земјава, според премиерот Заев, ќе бидат вакцините на „Фајзер“ кои како помош ќе ги добиеме од Србија. За нив премиерот вели дека очекуваат неделава од „Фајзер“ да стигнат потребните документи.

Првите вакцини преку Ковакс – системот, пак, се очекуваат во март и нема да бидат од компанијата „Фајзер“, како што до вчера се најавуваше, туку од компанијата „Астразенека“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.