Странските инвеститори и во услови на пандемија продолжуваат да инвестираат во земјава, се зголемува извозот и се најавени нови големи инвестициски циклуси, најави вчера премиерот Зоран Заев при презентацијата на Интервентниот план за инвестиции 2021-2027 во вредност од 8 милијарди и 175 милиони евра.Тој посочи дека во инвестицискиот план се вклучени и странски инвестиции кои претстојат.

Според него станува збор за неколку компании од Германија, од Белгија, САД, Швајцарија, Турција, Холандија, Словенија и други кои инвестираат во ТИРЗ-овите во  Македонија од повеќе индустриски сектори, како фармацијата, автомобилската, прехранбената, градежната индустрија, бројлерското производство, но и други области.

Ова значи отворање нови работни места во сите региони, достоинствени плати, внес на нова технологија, раст на извозот и на севкупната економија – рече Заев.

Тој при тоа наброја 30 инвестиции во вредност од околу 600 милиони евра и отворање на неколку илјади нови работни места.

Ова се ветувањата на Заев, но досегашното искуство покажа дека она што тој го најавува нема никаква реализација на терен.

Имено Зоран Заев и пред 2 години ветуваше 5 милијарди eвра инвестициски циклус.

Ни инвестиции видовме, ни бутур. Напротив долгот порасна 1,7 милијарда евра и е на историски највисоко ниво од околу 63% од БДП, буџетска дупка само оваа година е проектирана на околу 570 милиони евра и ништо од големиот инвестициски бран. Овие денешни инвестиции кои ги ветува се реални колку ветените 500 километри нов автопат кои ги даваше пред неколку години, изјави вчера, Гордана Димитриеска Кочоска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Нема да не изненади доколку вети и 800 милијарди евра, бидејќи хартијата ги трпи лагите на Заев, ама народот памти колку пати излажал, рече Димитриеска Кочоска.

Зоран Заев секогаш кога е загрозен од криминални афери, веднаш излегува и ветува милијарди евра инвестиции. Тоа јавноста веќе го прочита и не им верува затоа што неговиот збор не вреди исто како и неговите планови. Најкорумпираната влада во Европа предводена од Зоран Заев, наместо работа нуди нови шарени лаги и замајување на јавноста. Да можеа имаа 4 години нешто да направат во економијата, а во реалноста ни се случува секојдневно тонење и осиромашување. Не беа способни да ги реализираат ни тие 5 милијарди евра кои ги ветуваа пред некое време , нема да можат ни овие нови милијарди евра кои сега ги ветуваат. Да сакаа да направат нешто барем ќе ги завршеа проектите кои ги остави ВМРО-ДПМНЕ или барем ќе го доградеа автопатот Кичево-Охрид. Но едноставно, неспособни се – вели таа.

Димитриеска – Кочоска посочува дека податоците и бројките се немилосрдни. Тие покажуваат дека оваа година заклучно со месец мај кој поминува, реализацијата на капиталните инвестиции изнесува само 22%.

Фијаско и целосна неспособност. Патем ако се земе предвид дека многу помалку се предвидуваат средства за капитални расходи во споредба со вкупниот буџет, ваквите бројки се уште покатастрофални. Впрочем за периодот на владеење на СДСМ од 2017-2020 година, капиталните расходи се само 7,8% од вкупните буџетски расходи, наспроти периодот од 2008-2016 година кога во просек капиталните расходи беа 11% од вкупни буџетски расходи (при две кризи). Тоа говори дека плановите за јавни инвестиции за кои говори власта на Заев за периодот 2021-2026 со ова темпо на реализација кое е во просек 490 милиони евра годишно (инвестиции од буџет, општини и претпријатија во државна сопственост) ќе им треба во најдобар случај 12 години. Не само ВМРО-ДПМНЕ, не само експертите во Македонија, туку и ММФ им кажува дека ова се само желби на владата и гол ПиАр надвор од реалноста и капацитетите на оваа власт – децидна е таа.

Економската политика на власта на Заев се сведе на купи ден помини, која граѓаните многу скапо ја плаќаат, затоа што е неодржлива и базирана на галопирачки скок на долгот кој потоа генерации ќе треба да го враќаат. Како што граѓаните не видоа никакви капитални инвестиции од новиот долг од 2,4 милијарди евра кој што генерираа за време на нивната власт, така нема ништо да има и од овие бајки за нови милијарди евра инвестициски циклус. Причината е јасна, половина од парите нема да се реализираат поради нивната неспособност и неработење, а другата половина ќе ги изеде корупцијата и криминалот, додаде Димитриеска-Кочоска.

И ВМРО ДПМНЕ обвинува дека Зоран Заев без срам и перде ветува нов инвестициски циклус, а од тој кој што го ветуваше пред две години нема ништо реализирано.

Очигледно штом го фатат во криминал или корупциски скандал, веднаш се расфрла со нови лаги за милијарди и ги вергла истите ветувања. Во август 2019 година Заев ветуваше 5 милијарди евра инвестиции во инфраструктура, патишта, железници, училишта, градинки, водоводи, пречистителни станици, енергетика, а резултатот од тоа е огромна НУЛА. Реализацијата на капиталните инвестиции во текот на целата власт на Зоран Заев е катастрофална. Единствено успеаа да го зголемат долгот за 2,5 милијарди евра нов долг и да го искачат на историски највисоко ниво од 63% од БДП.Знаејќи го Заев и оваа најава за инвестиции ќе биде нов пакет лага. Единствено успешен е во криминалот и корупцијата – обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.