Изминаа двата дена во кои УЈП требаше да го врати ДДВ-то од реализираниот Викенд без ДДВ, а парите не легнаа на сметките кај сите граѓани. Дел од нив се жалат дека кај беше пробиен рокот кој првично беше најавен, 15 дена од скенирањето на сметките да се врати ДДВ, сега се доцни и со исплатата која требаше да биде завршена во рок од два дена, вчера и денеска.

Пазарев некои парчиња македонски мебел уште на првиот ден од Викендот без ДДВ, на 10 октомври, но пари од поврат на ДДВ се уште нема. Прво не излажаа дека парите ќе бидат вратени 15 дена од скенирањето на сметките, потоа се „вадеа“ со изгласување на ребалансот на буџетот за на крај во понеделникот да ветат дека повратот од Викендот без ДДВ ќе биде реализиран во наредните два дена, поточно 10 и 11 ноември. Чекав во 16 часот, до кога нели обично легнуваат парите на сметка, но еве се уште не ги гледам. Повторно излажаа – вели револтирана граѓанка.

Со ваков револт се исполнети многу граѓани, кои нели токму затоа пазареа македонски производи и ИТ техника пред еден месец, за да добијат поврат на ДДВ. Нивните очекувања повторно се изневерени. Инаку УЈП најави дека по завршување на исплатата на повратот на ДДВ од Викендот без ДДВ, ќе почне исплатата на тримесечниот регуларен поврат на ДДВ, што значи дека и оваа исплата најверојатно ќе доцни.

Инаку владината мерка Викенд без ДДВ даде резултати, но само скромни и далеку од очекуваните и најавуваните од страна на власта. Таа очекуваше промет од 170 милиони евра, но сепак тоа не се случи. Во викендот без ДДВ беше остварен промет од само речиси 9 милиони евра. Тоа што мерката потфрли според Заев било поради сиромаштијата на граѓаните кои во криза се решиле да штедат.

За оваа мерка ќе се вратат некаде околу 1,5 милион евра. Сиромаштија е, се штедат пари, секој сака да купи само тоа што му треба – рече Заев по завршување на Викендот без ДДВ.

Дека мерката Викенд без ДДВ ќе биде без ефект предупредуваше и опозицијата. Тие реагираа дека таа е задоцнета, но и се спроведува во услови на пандемија. Од ВМРО ДПМНЕ бараа наместо еден, да има 4 викенди без ДДВ за граѓаните, но ова нивно барање не беше прифатено од власта.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.