Ние сме една од ретките држави во Југоисточна Европа која нема ниту еден ден рестрикција, намалено производство или проблем со снабдувањето, а и поскапувањето на струјата е најмало во регионот, рече вечерва генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.

Тешко е, рече Ковачевски, да се менаџира ситуацијата во криза која дополнително е обременета и со руско-украинскиот конфликт, но ЕСМ со поддршка на Владата засега успева во тоа.

– Јас очекувам, со вакво производство, зголемено, сигурно и стабилно, како и со намалено купување електрична енергија, дека цената повторно ќе биде најмалку со зголемување не во државата, него во регионот, потенцира Ковачевски, одговарајќи на прашањето дали граѓаните можат да очекуваат поскапување на струјата.

Во ноември и декември, кога беа клучните удари од кризата, биле набавени 108 000 мегаватчасови електрична енергија за 29 579 000 евра, а во јануари и февруари 18 240 мегават часови за 4,851 милиони евра. Овие средства, како што истакна Ковачевски, се исплатени со финансиската поддршка од Владата.

-Со капацитетите во моментов не е возможно да се произведат 5 000 гигават часови. Кога имате енергетска стратегија и одите кон обновливи извори, а притоа изодите половина пат и треба да се враќате назад, повторно кон јаглен, е многу тешко. Ако со поддршка на Владата не ги ставевме во функција ТЕЦ Неготино и ТЕ-ТО, немаше да заштедиме 37 милиони евра во државната каса, истакна Ковачевски.

Според него, дополнителна причина за зголемување на цената на берзите беше и лошата хидрологија која е ниска во цела Европа, но и ветровте кои даваат помалку енергија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.