Министерот за финансии, Фатмир Бесими, кој престојуваше овие два дена во Брисел на средби со европски комесари, во изјава за МИА потврди дека Владата прифатила да се отвори дебата за реформа на даночниот систем, вклучително и прогресивниот данок, јави дописничката на МИА од Брисел.

Фатмир Бесими, министерот за финансии, вчера и денеска во Брисел се сретна со еврокомесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји, еврокомесарот за буџет, Јоханес Хан и еврокомесарот за економија, Паоло Џентилони. Тој ги уверил соговорниците дека интеграцијата во ЕУ останува врвен политички и економски приоритет за Македонија, како и тоа дека земјата посветено работи на искористување на ЕУ средствата што се на располагање преку претпристапниот инструмент и Европскиот и инвестициски план на Европската Комисија.

Македонската Влада очекува во текот на наредниот месец да пристигне и втората транша од 80 милиони евра од ЕУ за поддршка на буџетската политика, изјави Бесими за МИА по средбите, истакнувајќи дека во овој момент се прават анализи од европска страна за исполнувањето на условите. Првата транша од 80 милиони веќе е добиена.

На прашање дали во овие околности на светска криза без преседан, Македонија треба да размислува во насока на релаксирање на строгите буџетски правила за јавен долг и дефицит и да оди кон повеќе задолжување за да може да закрепне економијата побргу, министерот за финансии смета дека веќе е одобрена доволно голема флексибилност, но дека не е мудро да се оди предалеку.

Ако ни треба финансирање нема да не прашаат дали е за ЕУ, заради нас самите треба тоа да го направиме, тие прашуваат дали имаме одржлива рамка. На краток рок може да имаме зголемување на јавниот долг и дефицитот, како што имаме сега, може да стигне до 65 отсто од бруто домашниот производ, и 4,9 отсто за дефицитот, следната година 4,1 отсто, и така на среден рок ќе се намали – вели Бесими.

Златните буџетски правила на ЕУ предвидуваат максимален јавен долг од 60 отсто од БДП и 3 отсто за дефицитот, но од почетокот на кризата со ковид-19 овие правила се суспендирани за да им се овозможи на земјите да инвестираат во заздравување на нивните економии.

Бесими потсетува дека Словенија го зголемила својот јавен долг за 13 отсто, а Грција за над дваесет отсто.

Тоа што сме принудени да го направиме е во интерес на заздравувањето, додава Бесими и вели дека на среден рок ќе се ресорбира.

Според министерот е важно странските инвеститори и финансиските институции да се уверат дека Македонија нуди стабилна и безбедна рамка.

Најавивме веќе нова еврообврзница и мислиме дека ќе имаме и поповолни услови за каматната стапка, смета Бесими и потсетува дека кредитна стапка на земјата останува оцената ББ минус со позитивен изглед за иднина, што, вели тој, е добра позиција за државата за инвеститорите да видат дека имаме јасен план за справување со ковид-19 и успешно заздравување на економијата.

На прашање дали во овие услови на криза е време повторно да се врати на маса идејата за прогресивно оданочување и поголемо оданочување на богатите, Бесими потврди дека во наредните недели ќе се отвори и оваа дебата.

Донесовме стратегија за даночни реформи и се отвора и оваа дебата, работиме сега на акциски план и во наредните недели ќе имаме средба со релевантните чинители во општеството за тоа во која насока ќе биде најоптимален даночен систем. Ние намерно не наметнуваме став за данокот, тој треба да има повеќе цели. Подобрување на ефикасноста на даночниот систем, подобрување на услугите, праведност во однос на даноците, дигитализацијата и зелените даноци се приоритети што ќе значат сериозна реформа на даночниот систем на долг рок, што ќе заличи на оној во развиените земји во ЕУ – истакна Бесими.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.