Управата за јавни приходи го заокружи првиот Викенд без ДДВ преку кој граѓаните можеа да остварат враќање на целосниот износ на ДДВ за купените македонски производи и услуги и компјутерска опрема.

Во деновите 10, 11 и 12 октомври 2020 година, вкупно 204 088 граѓани купиле македонски производи и услуги како и компјутерска опрема и издадените фискални сметки ги скенирале преку апликацијата МојДДВ. Во Викендот без ДДВ остварен е промет од 558.176.715 денари со што граѓаните ќе остварат враќање на ДДВ во износ од 66.853.929 денари, соопшти Управата за јавни приходи.

Од УЈП наведуваат дека парите ќе им ги исплати на граѓаните на нивните трансакциски сметки во рок од 15 дена од последниот ден на скенирање на фискалните сметки.

Од анализите и споредбите што ги направи Управата за јавни приходи потрошувачката на македонски производи во овој Викенд без ДДВ во споредба со потрошувачката на истите производи во претходните викенди во истиот месец е за 2,2 пати зголемена, истакнуваат од УЈП.

Според податоците скенирани се трипати повеќе фискални сметки и остварен е и 9,5 пати поголем промет од македонски прозиводи овој викенд во однос на истиот од минатата година.

Првата мерка од четвртиот сет антикризни мерки што ги донесе Владата стартуваше токму со мерката ,,Викенд без ДДВ“ кој целосно ја спроведе Управата за јавни приходи. Резултатите од оваа мерка се повеќе од успешни бидејќи значат повеќе пари назад кај граѓаните, зајакнување на домашниот буџет и истовремено зголемена потрошувачка на македонски производи и услуги. Поттикнување на промет кај македонските компании е поддршка во услови на криза, која влијае и на подобрување на ликвидноста на компаниите, оценуваат од Управата за јавни приходи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.