Македонската православна црква според најновиот развој на настаните, не е повеќе над и надвор законите на Република Македонија – НОВА доби информација од УЈП дека “веќе се води постапка со цел да се утврдат состојбите во рамките на МПЦ-ОА – Скопје”.

Како што дознава НОВА од извори запознаени со анализите на финансиите на МПЦ, оваа постапка е отворена во 2018 година, а се однесува на утврдување на фактичката состојба- дали МПЦ плаќа даноци што е обврска на сите правни и физички лица, согласно надлежностите на УЈП.

Процедурата на УЈП започнува со постапка која подразбира анализа на даночните исполнувања на обврските кон државата. Доколку се увидат нерегуларности и злоупотреби во МПЦ, следува инспекциска контрола во соработка со другите институции кои се надлежни- Финансиска полиција, Финансиско разузнавање, Обвинителство, МВР.

Во целокупната процедура, доколку се увидат финансиски малверзации, би биле вклучени и Катастарот и Централниот регистер, од каде би се црпеле информации за имотната состојба на МПЦ, за вработените, пријавување на имотот, како и на останатите добра, потоа плаќање на даночните обврски кои се однесуваат и на имотот, платите и останатите приходи, како и целосната финансиска слика, која би ги дала сите информации и детали за состојбите во Црквата, но и генерално, нејзината финансиска моќ.

Најновите документи на Централниот регистер кои ги доби НОВА, покажуваат дека МПЦ не поднела годишна сметка во периодот од 2001- 2006 година, додека за периодот од 1992- 2000 година Централниот регистар на РМ не располага со податоци, се вели во одговорот до НОВА на оваа институција.

Мора да се има на ум дека Централниот регистер е формиран 2006 година, но тоа не повлекува ниту подразбира криење или уништување на податоците од претходните години- сите документи се преземени од Заводот за платен промет, од кој прераснува институцијата Централен регистер. Оттука, Централниот регистер поседува архива на претходните години, која е наследена од претходната инситуција- Заводот за платен промет.

НОВА објави дека Македонската православна црква цели пет (5) години не пријавила воопшто Завршна сметка, судејќи според Документот на Централниот регистер, каде е запишано дека МПЦ последен пат доставила Завршна сметка во 2012 година и оттогаш, се до денес нема пријавен завршен биланс. НОВА побара завршни сметки на МПЦ во Регистерот, од 2006-2017 година, и добивме само за една година- 2012- оттука, во последните 11 години доставиле само една Завршна сметка.

Непријавување на завршна сметка после две години повлекува бришење од Централниот регистер, а надлежна институција за дејноста и функционирањето на МПЦ е Основниот суд.

Со овој чин, МПЦ и институциите покажуваат дека Црквата е привилегирана и надвор од Уставот и законите- во членот 19 на Уставот е предвидена прецизна одредба- дека МПЦ, како и другите верски заедници и групи се одвоени од државата, но се еднакви пред законот.

Но, апсурдноста на мисијата на МПЦ се однесува и на друг факт- според Уставот, членот 19 ја дефинира улогата на МПЦ- таа е слободна во основањето на верски училишта, на социјални и добротворни установи.

МПЦ, сепак, и покрај уставните решенија, самоуверено влегува во бизнис води и со тоа, проблематичната улога на МПЦ не завршува- нејзината примарна дејност е од темел покопана, со основањето на Трговско друштво за градежништво “Обновители” и најава за градење на станбени објекти и деловни простории.

МПЦ заедно со бизнисменот Зоран Антиќ уште во 2010 година, ја основа градежната фирма “Обновители”- за после 8 години, да се амбицираат токму на бизнис кој ќе го окупира земјиштето спроти хотелот “Холидеј Ин”.

Овој потег на МПЦ се коси со уставните начела и мисијата на Црквата, која треба да е фокусирана на верски субјекти, како и мисија која акцентот го става на социјални и добротворни цели.

Две улоги на МПЦ- и како непрофитна организација и како фирма

Оттука, МПЦ во исто време игра две улоги: се претставува пред законите како непрофитна организација, притоа не пријавува завршна сметка, додека во вториот случај, таа е во исто време и трговско друштво, преку основањето на фирмата Обновители, каде е ко-основач со бизнисменот Зоран Антиќ. Сепак, при купувањето на земјиштето кај Холидеј ин, фигурира фирмата “Обновители”- на МПЦ и на Антиќ, како и “МГ Фешн”, која е сопственост на Антиќ .

Според Законот за непрофитни организации, како што е основана МПЦ, не подлежат организации чија вкупна вредност на имот или годишниот приход е до 2.500 евра. Но, двојната улога на МПЦ- да биде непрофитна организација и во исто време ко-основач на трговска фирма, ја исклучува можноста да биде третирана исклучиво како непрофитна организација.

Проблемите за МПЦ тука не застануваат- во документот на Завршната сметка од 2012 година Вкупната актива изнесува 6.522.831 денари или 106.931.656 евра, сума која не кореспондира со вистинските факти- затоа што, терминот Вкупна актива подразбира и поседување на имот на субјектот. Во случајов, не е пријавена сумата од имотот кај хотелот “Холидеј ин”, проценет уште во 2010 година на 2,4 милиони евра или 147.575.400, 00 денари, а исто така не е пријавена ниту фирмата „Обновители“ која е во ко-сопственост на МПЦ.

МПЦ на ова место, кај “Холидеј ин”, добива 3.767 м2 со денационализација во 2002 година. Осум години подоцна, во 2010 г., прави Договор со бизнисменот Зоран Антиќ за формирање на фирма “Обновители”. Но, првичната идеја на овој Договор е да има „црковно-деловна административна зграда“.

Но, низ годините договорот се менувал со анекси и во делот на поделбата на имотот и во објектите што требало да се градат. Во последниот Договор меѓу МПЦ и Антиќ во фирмата “Обновители”, од март оваа година, исчезнува терминот „црковно-деловна административна зграда“ и се заменува со терминот „станбен и деловен простор“, што е само потврда на терминот Трговско друштво за градежништво, како дефиниција за нивната фирма.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.