Будно го следиме случајот за текстилната фабрика „Баргала“. Нашата контрола таму е при крај и ќе имаме голем наод. Можам да кажам дека е многу лоша состојбата од даночното и сметководственото работење и дека се утврдени голем број на неправилности од енормни размери, што се несвојствени за добро работење на кој било даночен обврзник, порача денеска директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска.

Таа прецизира дека постојано добивале информации од страна на здруженијата кои се борат за заштита на работничките права и од вработените во „Баргала“ дека се прават одредени злоупотреби и најави дека и понатаму ќе постапуваат и тоа не само со даночна контрола, туку ќе ги известат и сите други надлежни институции.

Не само што утврдивме контрола по основ на персонален данок на доход и за неисплатените плати, туку направивме и контроли и по основ на данокот на добивка и данокот на додадена вредност. Бидејќи сме при крај на контролата ќе доставиме и решенија кај даночниот обврзник – рече Лукаревска во одговор на прашање на денешната прес-конференција по повод „Две години МојДДВ со граѓаните”.

Таа посочи дека слични контроли ќе се прават и за сите други текстилни фабрики и во делот на кожарската и кондиторската индустрија, зашто, како што рече, гледаме дека секојдневно има отпуштање од работа, а при тоа покрај Државниот инспекторат за труд кој треба да постапи како надлежен орган од инспекциски аспект, постапуваме и ние.

Заедно со Државниот инспекторат за труд во неколку наврати спроведовме координирани контроли особено кај текстилните фабрики. При тоа наместо регуларни контроли за искористеноста на финансиската помош спроведовме контрола со која се вративме од три до пет години назад по сите основи на даноци. Скоро секаде во текстилните фабрики имаме утврдено низа неправилности во работењето – прецизира Лукаревска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.