Одлуката на Владата да воведе нови ограничувања во работата на угостителските објекти предизвика реакција кај угостителите, кои најавија дека доброволно ќе ги затворат објектите. Тие оценуваат дека со рестрикциите нема да се намали бројот на заболени и побараа унифицирани протоколи.

Новите мерки кои Владата ги прифати како препорака од Комисијата за заразни болести се забрана за гостување на пејачи и ди-џеи во сите угостителски објекти, ограничување на јачината на музиката до 55 децибели и намалување на бројот на лица кои може да седат на една маса во угостителски објект од сегашните 12 на четири.

Ова предизвика реакции кај угостителите кои најавија доброволно затворање на објектите на две недели, но сметаат дека новите ограничувања нема да го решат проблемот со зголемениот број заболени.

Не ни требаат крпеници од протоколи, туку унифицирани препораки за целокупната угостителска индустрија – наведуваат од Независната угостителска комора (НУК).

Според НУК, новите ограничувања ќе ги поттикнат младите и гостите на угостителските објекти да бараат алтернативни решенија на дружење и забава како што се групни и масовни собирања на приватни забави, по паркови, паркинзи и возила без никаква контрола и никакви механизми за заштита и превенција на личното и јавното здравје.

Претседателот на Комората, Здравко Јосифовски вчера изјави дека многу побезболно, подобро и поквалитетно решение ќе беше Владата наместо да удоволи на Комисијата за заразни болести, да ги зголеми ингеренциите, да даде поголеми надлежности и пренесе нови овластувања на Државниот пазарен инспекторат.

Тој предупреди и дека новите промени во протоколите ќе ги поттикнат најзагрозените естрадни уметници и угостители да тргнат заедно во борба за своите права и слобода на работа, што ќе предизвика континуирана граѓанска непослушност и протести со кои ќе се срушат сите изградени мостови на комуникација и можност за надминување и решавање на проблемите по пат на дискусии и дебати.

По реакција на угостителите, надлежните посочија дека се подготвени да разговараат, но мислењето на експертите останува клучно.

Министерот за економија, Крешник Бектеши вчера посочи дека мерките за угостителските објекти се предлог на Комсијата за заразни болести и Владата целосно ќе ги почитува. Сепак, појасни, институциите се подготвени да им излезат во пресрет на угостителите и да разговараат со нив ако имаат тешкотии.

Министерот најави и зголемување на ингеренциите на Пазарната инспекција.

Сите институции,посебно оние што вршат директен надзор, треба да одлучуват навремено за да не се повторуваат случаите на непочитување на здравствените мерки и протоколи – оцени Бектеши.

По вчера регистрираните 83 позитивни при 539 направени тестови и четири починати пациенти, вкупната бројка на Ковид дијагностицирани во Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 18.873, а бројката на починати пациенти е 760. Активни се 2 626 случаи, а 366 се хоспитализирани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.