Државата да ја субвенционира минималната плата на вработените во кафулињата и рестораните, додека траат превентивните мерки за КОВИД-19, бараат од Здружението за заштита на правата на угостителите „Хорекаши”.

Од Здружението велат дека откако Владата ја донесе мерката за затворање на угостителските објекти, не можат да обезбедат приходи од основната дејност за да ги подмират трошоците кон државата, вработените, кириите и режиските трошоци, објави сдк.

Оваа индустрија учествува со десетици илјади вработени во пазарот на труд. Не бараме пари, бараме мораториум на нашите обврски и разбирање за новонастаната ситуација. Покрај субвенционирање на минимална плата бараме одложување на наплатата на даночни обврски и аконтации во наредните 6 месеци и замрзнување на обврски по кредити и камати како и други доспеани обврски кон банките до завршување на кризата“, велат од Здружението „Хорекаши“.

Од таму бараат времена промена на регулативите на НБРМ за зголемување на рамковни кредити, револвинг и други дозволени пречекорувања, како и отворање на кредитни линии со субвенционирана камата. Да не се применува Законот за финансиска дисциплина во наредните 3-5 месеци, одложено плаќање на сите режиски трошоци до завршување на пандемијата, како и да не се исклучуваат објектите поради неплаќање вода, струја и други основни услуги. Како мерки предлагаат да не се наплаќа персонален данок и ДДВ за кириите, да бидат ослободени од трошоци за ЗАМП и од надоместок за користење на терасите на угостителските локали.

Членки на Здружението најавија дека ќе ги донираат залихите од храна и пијалоци за здравствениот систем и институциите.

Владата на 14 март донесе одлука целосно да бидат затворени кафулињата и рестораните за да се спречи понатамошно ширење на коронавирусот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.