Бизнисменот и сопственик на Еуростандард банката во стечај Трифун Костовски објави дека започнува граѓанска непослушност од денеска.

“Стојам исправено и гордо и отворено им порачувам на сите институции дека можете да ми земете сѐ, ама не можете да ми го земете достоинството и мојот непокор, напиша Костовски во дописот до јавноста.

Граѓанска непослушност кон сите институции во Република Македонија, е причинета со постапките кои системот ги прави против него и неговото семејство кои ги надминуваат сите граници.

„Можеби сум и единствениот Македонец кој сите спечалени пари надвор во белиот свет сум ги донел во земјава и за жал, изгубил од луѓе кои се занимаваат со матни зделки, а се блиски до политичките структури. На мојата жалба до основниот Кривичен суд Скопје, по основ на замрзнување на мојот приватен имот, добив решение во кое што со големи букви е напишано ЖАЛБАТА СЕ ОТФРЛА КАКО НЕДОЗВОЛЕНА. Што е дозволено во нашава држава? Јас, кој сиот имот го имам стекнато со пари спечалени вон Македонија, денеска истиот ми е замрзнат, и судот ми велат дека МОЈАТА ЖАЛБА Е НЕДОЗВОЛЕНА, а додека политичари кои што недвосмислено во изминатите години говореа дека стекнале богатство колку еден успешен бизнисмен … ама пазете од политиката!, таквите луѓе се високо почитувани во нашето денешно секојдневие.

Стојам исправено и гордо и отворено им порачувам на сите институции дека можете да ми земете сѐ, ама не можете да ми го земете достоинството и мојот непокор. Ако мислите да ме влечкате по судските лавиринти, по основ на моето неприкосновено право, јас потврдувам дека тоа нема да го дозволам со мојата граѓанска непослушност. Судството кое е контролирано од извршната власт е само продолжена рака на организираниот криминал. Во последната колумна пишував за голготата на нас Македонците. Зарем не е срамно својата лична голгота да ја доживеам во својата веќе слободна Македонија, креирана од моите Македонци“, стои во дописот од Костовски до јавноста

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.