Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се сретна со претставниците на Националната федерација на фармери, која го поттикна процесот на решавање на правен механизам за остварување на право на надоместок за мајчинство и боледување на регистрираните земјоделки.

Работна група во состав на претставници на Министерство за труд и социјална политика, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделство и рурален развој, Министерството за здравство, ФЗОМ, УЈП, ПИОМ и Правниот факултет-Скопје изминатиов период оддржа повеќе работни состаноци на кои беа дискутирани можните решенија за овие важни прашања. Изминатиов период, министерката на повеќе наврати разговараше и со жените регистрирани земјоделки од Берово, Неготино, Ресен и други општини.

Министерката Тренчевска истакна дека отворениот дијалог и дебата води кон изнаоѓање на заедничко решение. Притоа, се осврна на досегашните активности кои се во насока на унапредување на положбата на жените од руралните средини.

„Продолжуваме да креираме нови решенија и политики кои ќе значат дополнително унапредување на статусот  на жените од руралните средини особено на жените регистрирани земјоделки. Во новите законски решенија за работните односи и родовата еднаквост на кои во моментот работи министерството се вклучени најдобрите европски практики ,“рече Тренчевска.

Таа се осврна на фактот дека нашата држава е претежно земјоделска земја и можностите за вработување во оваа дејност се големи. Токму затоа, креирањето на квалитетни државни политики и мерки за руралниот развој се од големо значење за луѓето кои живеат во руралните средини.

Од Националната федерација на фармери информираа дека тие се активно вклучени и во подготовката на Националната стратегија за правата на лицата со попреченост, со цел поддршка на маргинализираните лица во нашето општество, со акцент на лицата со попреченост кои доаѓаат од руралните средини.

Соговорниците изразија подготвеност за продолжување на досегашната соработка во насока на креирање на квалитетни законски решенија, програми и мерки од кои придобивка ќе имаат сите граѓани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.