Преговорите за склучување општ колективен договор за јавниот сектор со Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) не се застанати и ќе продолжат се до усогласување на ставовите меѓу Владата и Синдикатот, изјави министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска на денешната заедничка прес-конференција во Владата со премиерот Димитар Ковачевски.

И на 1 Мај и кога излегов пред работниците и понатаму на сите средби со Синдикатот зборуваме дека е важно да биде склучен општиот колективен договор и дека методологијата за растот на плати ќе биде донесена. На неколку повици на Владата и на Економско-социјалниот совет се разговараше и за општиот колективен договор, се разговараше и за таа нова методологија која што значи постојан раст на платите во јавниот сектор и во администрацијата, меѓутоа се уште немаме состанок на којшто би продолжиле со преговорите за општиот колективен договор за јавниот сектор. Не се застанати преговорите, ќе продолжиме и понатаму да разговараме со Синдикатот. Синдикатите за министерот за труд и социјална политика и за Владата се важни партнери, затоа што се она што се работи во делот на работничките права го работиме заедно во консултација со ССМ и со останатите синдикати во државата. Продолжуваме и понатаму да работиме на донесувањето на новиот општ колективен договор во којшто ќе биде вклучена и новата методологија – рече Тренчевска во одговор на новинарско прашање.

Прашана дали општиот колективен договор за јавниот сектор ќе биде склучен до Нова година, министерката Тренчевска истакна дека „преговорите зависат од двете страни“.

Кога имаме колективно преговарање за потпишување на општ колективен договор не зависи само ниту од Владата, ниту од синдикатите. Тоа се преговори коишто траат до изнаоѓање на заедничко решение. Колективниот договор ќе се донесе во моментот кога ќе ги изедначиме ставовите помеѓу синдикатите и помеѓу Владата – нагласи Тренчевска која денеска со премиерот го презентираа Буџетот на Министерството за труд и социјална политика за 2023 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.