Ќе направиме се не само кадровски, туку и според стандарди да го развиваме системот на јавна внатрешна финансиска контрола, бидејќи е важен за функционирање на јавните финансии, истакна денеска министерот за финансии Драган Тевдовски.

Ние сме прва земја во регионот која направи стратегија за развој на јавната внатрешна финансиска контрола, а токму една од главните насоки таму е да се засили тој систем со луѓе. По завршувањето на изборите чекор по чекор ќе работиме на реализација на стратегијата – изјави Тевдовски во одговор на новинарско прашање на паузата на меѓународната конференција ПЕМПАЛ што денеска и утре се одржува во Скопје.

Тој нагласи дека сериозно треба да биде зајакната бројката на внатрешните ревизори во земјава.

Ревизорските извештаи се важни и ние правиме се да се подобри функционирањето на системот. Мислам дека таквите извештаи и денес може да се разгледуваат на Собрание, но тоа зависи од другите институции во системот – рече Тевдовски.

Во државата моментално работат 90 државни ревизори, кои вршат ревизија во околу 1.100 јавни институции, а согласно стандардите нивниот број е за педесетина помал од потребниот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.