Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија одржа прес конференција на која беше истакнато писмото, односно укажувањето од Светската конфедерација на синдикати (ИТУК) и Европската конфедерација на синдикати (ЕТУК) кон Премиерот, Зоран Заев, насловено како ,,Репресија врз синдикатите во Македонија”.

Во указот, Светската и Европската конфедерација на синдикати истакнуваат дека се загрижени за систематските напади врз КСС и нејзините грански синдикати, за дискриминацијата на лидерите и синдикалните претставници што се рефлектира преку деградирање, мобинг, вознемирување и откази на синдикалните лидери и членови на синдикатот.

Светската и Европската конфедерација на синдикати остро реагираат на неспроведувањето на правосилните судски пресуди во институциии како што е АД ЕСМ и остро реагираат на нефункционирањето на системот на институциите, пред се на Државниот инспекторат за труд. Исто така децидно укажуваат дека е прекршена и Конвенцијата 87 на Меѓународната организација на трудот, Конвенција за слободата на здружување и заштитата на правата за организирање, ратификувана од страна Р.Македонија, како и конвенциите за човекови права од 1948г.

Светската и Европската конфедерација на синдикати исто така укажуваат дека репресијата и деградирањето на КСС и “чувањето во фиока” на барањето за репрезентативност и отстранувањето на КСС од социјалниот дијалог е недозволиво.

 

Претседателот Благоја Ралповски истакна дека од Светската и Европската конфедерација на синдикати многупати е упатено прашањето до Премиерот, што се случува со социјалниот дијалог во Македонија, што се случува со КСС и зошто синдикалните лидери од КСС добиваат откази, но одговорот на Премиерот е дека не е запознаен со ситуацијата.

Наспроти тоа, Претседателот Ралповски истакна дека КСС има имаме доставено низа барања за средби, имаме одржано низа протести, настани, со кои ги искажуваме нашите негодувања и со кои бараме таквите притисоци да престанат, а ги спомена последните два настани: протест одржан на 15.04.2021 и настан по повод Меѓународниот ден на трудот. Во Првомајски манифест на КСС доставен до Владата, конкретно беа истакнати нашите барања и негодувања во делот на социјалниот дијалог и во слободата на синдикалното организирање, но одговорите се дека состанок ќе се одржи со релаксирање на состојбата со пандемијата, но средбата се уште не е одржана.

Исто така од страна на Претседателот, Ралповски беше нагласено дека правата на работниците се на загрижувачко ниво и може да се каже дека се на најниско ниво од осамостојувањето на Македонија.

Светската и Европската конфедерација на синдикати бараат од Премиерот да се заложи лично синдикатите да имаат еднаков третман во нашата земја, а КСС да се вклучи во социјалниот дијалог рамноправно и да може да одлучува.

КСС порачува дека толеранцијата и трпението во изминатите години беше голема, и во контекст на писмото од Светската и Европската конфедерација на синдикати, го повикуваме Премиерот бараната средба да ја оствариме што поскоро и да започнеме да ги надминуваме проблеми наталожени со години, во спротивно под притисок од сопственото членство, најавуваме дека следните чекори кои ќе ги преземеме ќе бидат многу порадикални од досегашните чекори кои беа “млаки”.

Во прилог го доставуваме заедничкото писмо од Светската и Европската конфедерација на синдикати до Премиерот г. Зоран Заев и превод од истото.

Конфедерација на слободни

синдикати на Македонија

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.