Од Светската Банка препорачуваат Македонија да воведе данок на јаглерод.  Тоа би било почеток на долгорочното решение за транзиција кон производство на струја од чисти еколошки извори како што се ветер, вода и сонце. Но, ако се воведе таков нов данок, тогаш властите треба да намалат некоја друга давачка, како што е данокот на приход.

Како ќе се воведе овој данок зависи од Владата. Може да се воведе и истовремено да се намали данокот на приход, кој од своја страна ќе помогне да се стимулира учеството на пазарот на трудот, исто така ќе го зголеми стандардот на живеење…“, изјави Сања Маџаревиќ – Шујстер, Светска Банка.

Од Светска Банка се осврнаа и на најактуелниот глобален проблем, а тоа е растот на цените. Според економистите, ваквата инфлација е привремена и очекуваат стабилизација во текот на идната година. Инаку проекцијата на Светска Банка за растот на македонската економија за годинава е на ниво од 4,6 отсто. За 2022 година се очекува раст од 3,7 отсто, а во 2023-та, понизок раст, односно 3,1 отсто. Повисоката стапка за годинава е поради лошиот импакт на пандемијата лани, наспроти справувањето со кризата годинава.

Овие позитивни изгледи и понатаму се опкружени со надолни ризици како резултат на бавното темпо на имунизација и сè уште нарушените синџири на снабдување, како и со тоа што условите за финансирање почнаа да се затегнуваат“, рече Масимилијано Паолучи, Директор на Светска банка за Македонија и Косово.

Експертите дополнително сметаат и дека во периодот што следи, во Македонија ќе се намалува сиромаштијата и тоа како резултат на повисоката побарувачка на работна сила на пазарот на труд. Инаку, земјава има повисока проекција за раст на економијата само од БиХ, за која се прогнозира раст на БДП за годинава од 4 отсто. Највисоки очекувања Светска Банка има за Црна Гора каде се прогнозира раст од 10,8 отсто, следува Албанија со 7,2, Косово со 7,1 и Србија со 6 отсто планиран раст за годинава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.