Зголемувањето на платите мора да биде поддржано со зголемување на продуктивноста. Светска Банка предупредува – пред да се премине кон уште едно административно покачување на минималецот и на примањата во јавниот сектор мора да се направат сериозни анализи, во спротивно може да се предизвикаат негативни ефекти врз целокупната економија на среден рок.

Ова е трета последователна година кога се одвива дискусија за зголемување на минималната плата. Сите зголемувања во иднина мора да бидат нужно придружени со зголемување на продуктивностам, изјави за „Алфа“ Сања Маџаревиќ – Шујстер од Светска Банка.

Според Бојан Шимбов од Светска банка растот на платите во Македонија главно е движен од растот на платите во здравството, социјалата, образованието, земјоделството градежништвото и транспортот.

Ова на среден и на долг рок практично ја поткопува продуктивноста, вели Шимбов.

Владеење на правото и структурни реформи – ова е рецептот за одржлив раст кој го препорачуваат експертите.

Светска Банка советува да се внимава и со субвенциите – и за земјоделството и за бизнис секторот, како и со буџетските трансфери кон фондовите за пензиско и за здравствено бидејќи просторот за зголемување на јавниот долг се стеснува.

Се надеваме дека мерките кои што се најавени, кои за цел имаат зголемување на плати и пензии ќе бидат надополнети со трошковни или приходни мерки се со цел ова да биде фискално неутрално“ вели Марко Мантованели, Светска Банка.

Сериозен проблем на среден рок и за Македонија и за регионот е иселувањето. Анализите на експертите од оваа финансиска институција покажуваат дека земјава ја напуштиле половина милион луѓе, во најголем дел високо образувани и високо квалификувани кадри.

Македонија заедно со Молдавија, Ерменија и Босна и Херцеговина е меѓу земјите кои имаат најголем одлив на високо образуван кадар“ рече Шимбов.

Светска Банка ја зголеми проекцијата за раст на македонската економија за годинава, од 2.9 на 3.1 процент. Сепак, тој пред се е резултат на ниската основа од претходните години, како и на зголемената лична потрошувачка, а не на производството и на извозот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.