Штетата од блокадата на железничкиот сообраќај, што трае веќе четврти ден, досега изнесува девет милиони денари, а другите држави сериозно размислуваат да го пренасочат сообраќајот преку Бугарија, со што ќе има уште поголеми штети и последици – информираше денеска министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Тој ги повика машиновозачите да се вразумат, да не се однесуваат нерационално и да продолжат да возат, истакнувајќи дека Владата нема да трпи уцени затоа што, истакна, помогнала и на работниците и на железницата, платите се исплаќаат, меѓу останатото е исплатена плата и половина од заостанатите плати, зголемени се коефицинетите, укинати се дел од антикризните мерки. Тој повтори дека штрајкот е незаконски и нагласи дека директорите во железницата можат да покренат постапки и оти државата, граѓаните и другите вработени во Железницата не може да бидат заложници на машиновозачите.

Секогаш сум отворен за средба, но тоа да биде на разумно ниво, работата мора да оди, може да преговараме и за колективни договори и за систематизации и за промена на закони, но не со уцени. Тоа е она за што се известени, а не да ги повикаме. Не е ова пазар каде може да се пазариме за овој или оној коефициент – посочи Сугарески, одговарајќи на новинарско прашање дали по последната средба што ја имаше во понеделникот со машиновозачите ќе ги повика повторно на рагзовори.

Се што имал им кажал на средбата, а неговата изјава дека ќе бидат повторно повикани, како што вели, е погрешно интерпретирана.

Тие беа на средба заедно со директорот, со Управниот одбор и претставнциите на синдикатите. Јас упатив апел за да продолжат да работат за да не се прави штета штета ниту на претпријатието, ниту на државата и граѓаните. Од кога е дојдена оваа Влада сите барања што беа и од работниците и помагањето на компанијата е многу големо. Големо е учеството од Владата во делот на помагањето и на фирмата и на синдикатите, зголемени кеофициенти, укинати дел антикризни мерки, зголемени плати, повторно зголемување на коефициентот за квалитет на рабта од 20 на 30 проценти, значи се – рече Сугарески.

Машиновозачите, како што дополни, имаат сериозни примања, многу поголеми од тие на голем дел од државата, така што не гледа причина за штрајк.

Платите се исплатени, исплатена е заостаната плата,  декемвриската плата е е исплатена. Останува да се вразумат, да не се однесуваат нерационално и да продолжат да возат, штетата што е направена досега е девет милиони денари. Другите држави сериозно размислуваат да го пренасочат сообраќајот преку Бугарија и уште поголеми штети и последици. Се што е побарано е исполнето – потенцира Сугарески.

Како што наведе, таму има седум синдикати и неможе тие што го блокираат сообраќајот да држат како зложници над 2.000 вработени, а кои не ги поддржуваат.

Ниту државата смее да биде заложник, ниту граѓаните ниту вработените. Ги повикав да продолжат со работа, а за сите други работи, затоа реков можеби има малку погрешна интерпретација на мојата изјава, сум подготвен како претставник на СДСМ која што помага на работниците за социјалните права, да преговараме и во делот на систематизацијата и колективните договори, но не по ниту една уцена. Оваа Влада нема да трпи уцена затоа што помогнала по сите основи и на работниците и на фирмата таму – нагласи министерот за транспорт.

Бојкотот на машиновозозачите, што почна пред четири дена, ги блокираше патничкиот и товарниот сообраќај во државата. Како и Сугарески, и раководството на компанијата го оцени штрајкот како незаконски, и информираше дека нема финансиски можности да се исполни поставеното барање, но оти редовно се исплаќаат платите и останатите обврски кон вработените.

Претставници на машиновозачите на почетокот на блокадата изјавија дека ја бојкотираат работата и оти зад нив не стои ниту еден синдикат, туку дека нивната одлука е индивидуална.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.