Странски инвестиции нема! Економските политики на владата одат во прилог на соседните држави. Еднаш одамна си беше „Инвестирај во Македонија, на англиски Invest in Macedonia“. Рекламата одеше на CNN (Си Ен ЕН), во реноминараните магазини Financial Times, The Economist итн., бевме присутни на сите инвестициски саеми и самите организиравме конференции и презентации за инвестирање во Македонија. Ама си беше тоа еднаш одамна…​, велат од Комисијата за финансии на ВМРО-ДПМНЕ.

-Денес Македонија постанува црна дупка, симболизираме празнина. Нето странските директни инвестиции (СДИ) за првата половина од 2019 година се премногу ниски на 48,8 милиони евра (квартално, во првото тримесечје имаме 41,2 милиони евра, а во второто тримесечје имаме 7,6 милиони евра нето СДИ).

Македонија ја губи битката за привлекување на СДИ, а сета политичка нестабилност, високата корупција и немањето владеење на право, само ќе го забрза овој процес и дополнително ќе ги мотивира и домашните компании да бараат други држави-алтернативи за нивните бизниси. Никој не сака да биде рекетиран, уценуван, исмејуван и манупулиран со даночната политика, така да и нашите домашни бизниси, па и тие странски компании кои уште работат во Македонија ќе започнат пополека да си ги пакуваат куферите. Секоја чесна компанија бара фер и стабилни услови за работа, а моменталната власт тоа не го нуди, ниту пак има желба да го понуди.​

На регионално ниво, да се потсетиме дека Албанија, Бугарија, Србија и Косово учеа од нас за привлекување на СДИ, самиот Вучиќ од Србија говореше дека учи од македонските власти за економски политики, да се потсетиме дека Бугарија во неколку наврати имплементираше исти економски политики што претходно беа имплементирани во Македонија.​

Сега, ние сме на дното! Пониско одамна не сме биле во привлекување на СДИ. Сите политики на СДСМ и моменталната власт ја доведоа Македонија во срамна и катастрофална позиција, а во исто време ги зајакнаа инвестициските потенцијали на соседните држави. Чувството е како СДСМ и Зоран Заев да работат за тие држави, а не за Македонија. Фактите велат дека Србија имала 1,8 милијарди евра инвестиции за прва половина на 2019 година, тоа е регионално газење! Бугарија имала 287 милиони евра за истиот период од 2019 година. По жител, во Србија влегле 255 евра инвестиции за прва половина од 2019, во Бугарија влегле 40 евра по жител, а во Македонија 23 евра по жител за споменатиот период.​

Ако ги споредиме првите тримесечја од 2019 година, бројките за нето странски директни инвестиции се следниве: Албанија 286 милиони евра, Косово 71,7 милиони евра, Србија 809 милиони евра, Бугарија 82,4 милиони евра, Хрватска 273,4 милиони евра, Словачка 110 милиони евра, Естонија 172 милиони евра…и некаде на дното е Македонија со 41,2 милиони евра. ​

Во второто тримесечје, поради последиците од влошената општа состојба во Македонија, СДИ се 7,6 милиони евра. Тоа е ниско, многу ниско. Ама жалосната констатација е дека ситуацијата ќе постане полоша, последиците веќе ги чувствуваат домашниот сектор и секој од нас. ​

Целокупната состојба на заробена држава и институции, каде желбите на една група и нивните манипулации со државните органи, играта со партиските функционери и членовите на СДСМ, енормното богатење на политичките функционери и нивните семејства, поставувањето на луѓе за министри за странски инвестиции кои во животот ништо не сработеле, ниту пак знаат како да привлечат и преговараат инвестиции, играњето со млади министри/терки за кои сите имаат чувство дека ќе бидат злоупотребени, дополнително ја влошува целокупната состојба во Македонија. Економијата е во постојана состојба на самопророштво, а моментално сите говориме дека работите одат на лошо и потребна е промена на власта, стои на Фејсбук страницата на Комисијата за финансии на ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.