Стопанската комора на Македонија, која работи на процесот на дигитализација со цел да им излезе во пресрет на барањата на нејзините членки, до октомври годинава има издадено 646 е-сертификати за потекло кои им се потребни на компаниите за извоз на нивните производи.

Со овие дигитални сертификати, се намалува времето на издавање за 82 проценти и се елиминирани трошоците за хартија и печатење на документи. За разлика од претходно, компаниите сега многу побрзо ги добиваат овие е-сертификати, притоа заштедувајќи време и пари. Сертификатите се прифатени од земјите -членки на Европската Унија, Западен Балкан, членките на МАГРЕБ, земјите-членки на Евроазиската економска унија, САД, Канада, Обединетото Кралство, Украина и Виетнам.

Според потпретседателката на Комората, Анета Трајковска, пристапувањето кон процесот на дигитализација е голема придобивка особено во услови кога поради здравствено-економската криза предизвикана од корона-вирусот се јавува неопходна потреба од дигитализирање на процесите, секаде каде што е можно.

Платформата за дигитална трансформација на деловните процеси и издавање на е-документи“ е изработена од „Некстсенс“. Се работи за веб базирана платформа која услугите на Комората ги прави 24/7 достапни од било каде со пристап до интернет и дигитален сертификат. Услугите се целосно електронски, со вклучено електронско плаќање, без потреба од физичко присуство, автоматизација на процесот за поднесување на барање и издавање документи и високи безбедносни стандарди.

Стопанската комора на Македонија на почетокот на месецов беше прогласена и за дигитален шампион за 2021 година. Наградата и беше доделена на министерската конференција во Женева од страна на Светската Трговска Организација (WTO), Мeѓународната стопанска комора (ICC) И Меѓународниот центар за трговија (ITC). На свеченото доделување, потпретседателката на Комората Елена Милевска-Штрбевска истакна дека со дигитализацијата им се помага на бизнисите да работат дигитално и да се справат со тешкотиите предизвикани од Ковид-19.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.