Во рамки на Стопанската комора на Македонија  се конституираше Советот за унапредување на високото образование. Со тоа Комората продолжува да ги реализира зацртаните активности за компаниите во рамките на Вториот столб за развој, иновации и знаење кој таргетира развој на постојните и воведување на нови услуги од интерес за сите компании (не само за членките на Комората) во нашата држава.

Советот има три приоритетни цели кои се однесуваат на развивање и унапредување три програми: „Скопје“ – која нуди едукативни и други настани што се реализираат преку Клубот на менаџери- претприемачи во рамки на Стопанската комора на Македонија, „Охрид“ – која нуди едукативни и други настани кои ќе се реализираат преку воспоставување школа на бизнис-лидери преку програми на менторство и „Дојран“ – која нуди едукативни и други настани кои ќе се реализираат преку воспоставување Школа за продуцирање кадри за извозот, со крајна цел формирање институт за извоз.

За претседател на Советот е избран Глигор Бишев од „Шпаркасе банка“ Македонија АД Скопје, додека за потпретседател Горан Петрески, професор од Економскиот факултет во Скопје.

Советот за унапредување на високото образование во својата агенда на активности постави реализација на задачи поврзани со организирање и поттикнување соодветни облици за континуирано функционално образование и иновација на знаењата на раководните кадри, како и на другите стручни кадри и професионална надградба на стекнатите знаења преку организирање стручно оспособување – обуки, семинари, работилници и други начини на едукација.

 

Преку соработката со домашните и странски институции, Советот има главна цел, освен развој и промоција на едукативните настани во трите програми, одделно да ја поттикнува и имплементацијата на европските правила и стандарди и перманентното функционално образование и иновација на знаењата на високообразовните кадри со главна цел преку воспоставување Школата за продуцирање кадри за извоз да формира Институт за извоз – наведува Комората.

Првиот столб во Комората продолжува да функционира преку здруженијата, асоцијациите, групациите, Центарот за едукација, Центарот за проекти, Бизнис канцеларијата и Центарот за анализи, а Вториот ја исполнува задачата за давање нови услуги од интерес на бизнисот и сите компании како што се консултантски услуги и лобирање за фирмите, решавање на споровите преку арбитражата и медијацијата, создавање Берза на трудот, формирање на Институт за извоз, поврзување на странските инвеститори со домашните добавувачи, преквалификации, создавање школа на бизнис лидери.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.