Финансиската поддршка за работодавачите погодени ковид-кризата за исплата на платите за месеците октомври, ноември и декември да важи за сите компании без разлика дали го задржале или намалиле бројот на вработени, бараат од Стопанската комора за туризам на Македонија (СКТМ).

„Сметаме дека во изминатиот период од почетокот на кризата туризмот е 100 проценти погоден и како таков не беше во можност да го контролира и услови останувањето на бројот на вработени во компаниите посебно ако се знае дека во месеците после јуни 2020 година изостана поддршката во плати од страна на државата. Законот во ваква форма во најголем дел ќе ги погоди компаниите кои повеќе од 20 години вложуваат во раст и развој на туризмот како столб во туристичката индустрија“, велат од СКТМ.

Од таму бараат измени во условите за добивање владини субвенции, со цел како што велат, да се овозможи достапност на сите компании од туризмот да ја искористат помошта за да можат да опстанат на пазарот .

„Во спротивно финансиските средства нема да може да се искористат наменски и корисно со што мерката предвидена за помош на компаниите ќе биде беспредметна. Апелираме до Министертсвото за економија во иднина доследно да ги спроведува барањата на приватниот сектор за кој навреме и темелно сме ги информирале“, посочуваат од СКТМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.