Поддршката на Стопанската комора на Македонија во постојниов период е насочена и кон компаниите членки на Советот на странски инвеститори при комората. Имајќи го предвид нивното релативно значење за вкупниот македонски извоз, бројот на вработени во овие компании и фактот дека апсорбираат значаен дел од работната сила надвор од Скопје, важно е да се знае што ќе се случува во наредниов период и во овој сегмент на македонската економија, рече во денешната порака Зоран Јовановски, главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора за економски прашања,.

Тој рече дека глобалните случувања со корона Covid 19 вирусот наметнаа прекин на работата на компаниите од автомобилската индустрија ширум светот. Во такви околности и компаниите во земјава, членките на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, се принудени, не по свој избор, целосно или во најголем дел да го прекинат производството, во период од најмалку неколку недели.

Но, и покрај ваквите неповолни случувања и сериозните финансиски последици, компаниите членки на Советот за странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија преземаат напори и мерки да не отпуштаат работници, планираат да искористат одреден модалитет, но првенствено сакаат да ги задржат вработените. Така, компаниите планираат претстојниот период на прекин на производството да го искористат за реализација на обуки за вработените или вработените да користат неискористен редовен годишен одмор од минатата година и мал дел од одморот за оваа година, евентуално користење на принуден одмор и сл. Тоа се охрабрувачки чекори во дадената ситуација – рече Јовановски.

Според него, навидум мали, но мудри потези повлечени во моментов, можат да отворат значајни перспективи за македонската економија во периодот после завршувањето на пандемијата на коноравирусот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.