Поранешни вработени во АД ОХИС, кој е во стечај, денеска пред Владата протестираа и си бараа неисплатените плати и придонеси. Како што раскажаа дел од нив за „Република“, протестираат по два дена во неделата веќе 7 месеци, но без никаков ефект.

Доаѓаме секој вторник и петок тука пред Владата. Не имаат примано неколку пати, но нема никаков ефект. Неисплатени за својот труд останаа околу 1 000 вработени, од кои на околу 700 од нив ни должат по 24 плати. ОХИС беше огромна фирма и има голем имот, но ние, поранешните вработени останавме неисплатени. Еднаш не прими и министерот Шапуриќ кој делуваше дека воопшто не е ниту запознаен со нашиот проблем, објаснува разочараниот стечаец на ОХИС кој инсистираше да остане анонимен и додаде дека повеќето од нив не веруваат дека Владата ќе го реши нивниот проблем.

Тие денеска околу два часа протестираа пред Владата и го искажуваа своето незадоволство. Меѓу другото, велат дека се чувствуваат изманипулирани од Владата од каде им ветувале решение, но се уште нема ништо од тоа. Велат дека како чесни работници го бараат само она што е нивно и заработено.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.