Агенцијата за вработување за само за шест месеци за време на Ковид-19 кризата регистрирала околу 40 илјади нови невработени во државата. Заклучно со август, во Македонија имало речиси 145.000 невработени кои активно бараат работа, за разлика од февруари, кога бројот на невработени изнесувал речиси 106.000 лица.

Власта за да ја оправда бројката на невработени вели дека другите лица на нивниот список биле резултат на новата регулатива и владините проекти кои се во тек.

А, вкупната бројка пораснала и од лицата кои се вратени од странство, како и тие кои се пријавиле како невработени за да користат платежни картички за помош од државата. Но, според премиерот Зоран Заев – АВРМ лаже.

Тој вчера истакна дека со владините мерки се помогнало на стотици илјади граѓани да не останат без работа, мерките се покажале успешни бидејќи спасиле работни места.

Тоа беа навремени и сериозни мерки за спас на работните места. Беа сеопфатни и водени од принципот никој да не биде изоставен. Така точно димензионирани ги запреа првите удари кои се закануваа да бидат катастрофални. Да потсетам само накусо на некои од ефектите од претходните три мерки, стотици илјади работни места се спасени и обезбедени благодарение на помошта за десетици илјади компании – истакна Заев вчера на својата прес конференција во Влада.

На ова, претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вчерашна прес конференција истакна дека неуспешните мерки и економски политики доведоа до крах на македонската економија и резултираше до околу 40.000 невработени.

Не само што се задоцнети овие мерки, туку истото ќе ја продлабочи и онака тешката состојба во државата. Кога веќе се прави ова, требаше да се види искуството од претходните три пакет мерки. Искуството е поразително и значи 40.000 нови невработени и рекорден минус од речиси 13 отсто пад на БДП – нагласи Мицкоски.

Тој потенцираше дека резултат од погрешните политики од Владата предводена од СДСМ е историскиот пад на индустриското производство.

Според истражувањата на економските експерти, најголем дел од отказите биле во преработувачката индустрија, трговијата и објекти за сместување и сервисни дејности со храна. На 45 проценти од работниците им истекол договорот за определено време и не им бил продолжен, а 23 проценти станале невработени преку спогодбен отказ. Бизнис заедницата алармираше неколку пати до власта дека подготвува нови откази, ако не се донесе соодветен сет мерки за помош на компаниите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.