Агенцијата „Стандард и Пурс” објави нов извештај, во кој го потврди кредитниот рејтинг на нашата земја „ББ-”, со стабилен изглед. Во извештајот, посебно внимание ѝ е посветено на монетарната политика, со фокус на стабилноста на домашната валута и нивото на девизните резерви, како и на стабилноста на банкарскиот систем.

Меѓу другото, „Стандард и Пурс” повторно наведе дека мерките на Народната банка, како што е пониската задолжителна резерва за обврските на банките деноминирани во денари, придонесуваат за намалување на вкупната евроизација во земјата, којашто  воедно е и пониска споредено со другите економии во регионот. „Стандард и Пурс” одделно се осврна и на девизните резерви, коишто во текот на  оваа година бележат раст, во најголема мера како одраз на интервенциите на Народната банка на девизниот пазар.

Во извештајот посебен акцент е ставен на банкарскиот систем, со нагласок дека тој е стабилен, ликвиден и добро капитализиран, со ниско ниво на нефункционални пласмани, а дека неговите активности главно се финансирани преку домашните депозити. „Стандард и Пурс” даде позитивни оцени и за кредитниот пазар во нашата земја, забележувајќи  дека и покрај тоа што поголем дел од кредитирањето е насочено кон населението, во последниот период се забележува поголема активност и на сегментот на корпоративното кредитирање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.