Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) ги повика пратениците да ја изгласаат нивната иницијатива за законското решение за пораст на минималната плата со износ од 60 проценти од просечната плата или 18.000 денари. Преку соопштение денеска од ССМ им порачаа на пратениците од сите политички партии дека приоритет треба да бидат платите на работниците, а не други закони за укинување на апанажи, избори…

Според ССМ, доколку пратениците веднаш да поднесат и изгласаат измени во Законот за минималната плата ќе докажат дека навистина се грижат за работникот и неговата егзистенција во услови на ковид, економска и енергетска криза.

Бараме политичките партии да не се препукуваат со поднесување предлог закони кои не се од егзистенцијална важност за работниците во време на економска, енергетска и ковид криза и наместо да го трошат времето и да одржуваат седници за лични нивни бенифити, да ја изгласаат иницијативата на ССМ за законското решение за пораст на минималната плата која бараме да биде 60 проценти од просечната плата или 18.000 денари, како и усогласување – зголемување на останатите плати согласно со Законот за минимална плата кој е поднесен до Собранието и поделен од страна на претседателот на Собранието Талат Џафери до сите пратеници, велат од ССМ.

Потсетуваат дека кој било пратеник или пратеничка група согласно Деловникот можат веднаш без одложување да го поддржат и предложат предлогот на ССМ, поради тоа што, посочуваат, сите се декларираат како политички партии дека се за работниците и се грижат за нив.

Па затоа ги повикуваме сите политички партии: СДСМ со коалицијата, ВМРО со коалицијата, ДУИ, Алтернатива, Алијанса, БЕСА, Левица, ЛДП, ДОМ, Демократски сојуз веднаш да ги поднесат и изгласаат законските измени во Законот за минималната плата и со тоа да докажат дека навистина се грижат за работникот и неговата егзистенција во оваа ковид, економска и енергетска криза!, порачуваат од ССМ.

За работниците, укажуваат, е нејасно зошто пратениците кои земаат плата за четири до пет пати поголема од минималната плата, веднаш не седнат во пратеничките клупи и го поддржат и предложат Законот и да ја зголемат минималната плата на 18.000 денари кога имаат нивни роднини и пријатели кои работат за минимална плата, па колку повеќе го одолговлекуваат донесувањето на Законот ќе бидат приморани на ист начин да се однесуваат работниците кон нив за време на избори и за исто толку да го одолговлекуваат гласањето на идните парламентарни избори.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.