Сојузот на синдикати на Македонија за утре најави генерален штрајк во јавниот сектор бидејќи, како што нагласуваат оттаму, не се исполнети нивните барања за линеарно зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2.806 денари и враќање на правото за регрес за годишен одмор од 2023 година.

На седница на Комисијата за финансирање и буџет вчера не помина амандманот на ССМ на ребалансот на Буџетот со кој требаше да се обезбедат средства за линеарно покачување на платите.

Работниците беа сведоци на срамно однесување на пратениците од владејачкото мнозинство членови на Комисијата за финансирање и буџет кои најостро се спротиставија на предлог-амандманот на ССМ кој предвидуваше средства во буџетот за зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2806 денари – велат од ССМ.

Од Синдикатот додаваат дека не е добро да не си на страната на работниците, кои воедно се и гласачи.

Гласот против работниците е уште еден глас против политичката партија која ја претставуваш и уште еден глас за генерален штрајк кој поради овие седум пратеници од владеачкото мнозинство започнува утре, потенцираат од ССМ. Денеска работниците ве молеа, утре ќе ги молите – се вели во соопштението од ССМ по неприфаќањето на нивниот амандман.

Од Сојузот на синдикати на Македонија појаснуваат дека согласно правилата за време на генералниот штрајк ќе обезбедат расположив капацитет од 10 проценти од вработените во овој сектор.

Претседателството на ССМ на седница што се одржа на 17 јуни утврди правила за производно одржувачки и нужни работи кои не смеат да се прекинуваат за време на штрајк.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.