Политичката неизвесност го изеде приватниот сектор. Голем е бројот на компании што се заинтересирани да ги преселат своите бизниси во соседството, посебно во Бугарија и Србија, а не престанува и заминувањето на младите од земјава, предупреди денеска Сојузот на стопански комори (ССК).

Според ССК, во услови на кршлива економија, политичките лидери треба да ја спуштат топката и да размислат што можат заеднички да направат за национален просперитет и за доброто на граѓаните. Во оваа насока и во насока на развој на економијата е неопходно да се слушне гласот на компаниите, на оние што го полнат државниот буџет.

ССК на прес-конференција соопшти седум приоритети кои, како што рече претседателката Данела Арсовска, Владата и министерствата мора да ги испочитуваат ако сакаат 2019-та да биде економска година.

Обезбедување политичка и правна сигурност, континуиран раст на стопанството, менување на законите исклучиво во консултација со бизнисот, јасна волја за напредок без корупција, итни реакции на институциите веднаш по какво било укажување на бизнис заедницата, минимизирање на поларизацијата во општеството и зајакнување на борбата против сивата економија, се приоритетите на ССК кои ги образложи Арсовска.

Се соочуваме со интензивна миграција која треба да се спречи сега и веднаш. Голем е бројот на фирмите што не прашуваат и бараат од нас информации за поволностите во соседството. Сакаат дел од своите деловни активности да префрлат таму – нагласи претседателката на ССК.

Секој од седумте приоритети на ССК во себе содржи по неколку барања од членките кои се засега вкупно 20.000 и доаѓаат од различни регони на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.