Четириесет специјализанти по стоматологија кои приватно го плаќаат школувањето не го добиле ветениот паричен надомест уште од септември годинава, и покрај тоа што редовно ги извршуваат работните обврски во Стоматолошкиот клинички центар.

– Нашите барања за месечен паричен надомест не се реализирани.Сакаме да потсетиме на изјавата на министерот за здравство во која вели дека септемвриската плата се прима во октомври, но денеска е 10 декември, а ние се уште немаме видено ниту потпишано договори за истото. Ние не сме субјект за манипулација и бараме да бидеме почитувани согласно нашиот придонес. Цело време телефонираме во министерствата за здравство и за финансии, во Фондот за здравствено осигурување. Одговорите се „ние потпишавме, другото министерство е одговорно за вас“, „се прават нови списоци“, „се менуваат списоците“, изјави доктор Милан Ацевски, специјализант на одделот за болести на устата и парадонтот при Стоматолошкиот клинички центар.

Посочи дека немаат конкретен одговор и затоа одлучиле да ја запознаат јавноста дека иако доаѓаат секој ден ништо не добиле за возврат.

– На списокот сме 43, а добиме информација дека во новиот список за исплата се ставени 40 специјализанти. Доаѓаме и прва и втора смена на работа. Имаме и дополнителни патни трошоци. Некои од нас доаѓаат и од други градови. Изреволтирани сме од односот на министерствата, на сите субјекти бидејќи не третираат како деца, а ние сме возраст. Си играат играчки со нас. Немаме информација го каде се договорите и реализацијата на ветеното. Ова е последна шанса да се разбереме со надлежните институции, а потоа дополнително ќе известиме за нашите натамошни чекори кои верувам дека би требало да бидат малку порадикални, додаде Ацевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.