Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Квартален извештај за последното тримесечје од 2021 година.

Во Извештајот се посочува дека и во последниот квартал беше задржан приспособливиот карактер на монетарната политика. Ваквата монетарна поставеност од почетокот на пандемијата постојано придонесува за поддршка на кредитните текови и одржување на ликвидноста во банкарскиот систем, заради ублажување на ефектите од пандемијата врз домашната економија. Притоа, задржаниот олабавен карактер на монетарната политика, како и здравата солвентна и ликвидносна позиција на банките се фактори коишто и натаму имаат стимулативно влијание врз понудата на кредитите. На годишна основа, кредитниот раст на крајот на четвртиот квартал изнесуваше 8,3 проценти, што е над проектираниот годишен раст според октомвриската проекција од 7,1 отсто.

Овие движења, според Народната банка, се поддржани и од солиден раст на депозитната основа, како главен извор на финансирање на банкарскиот систем. Имено, годишниот раст на вкупните депозити на крајот на декември достигна 7,5 отсто, што е над растот проектиран во октомвриската проекција од 7,1 процент.

Олабавениот карактер на монетарната политика се спроведуваше во услови на солидно ниво на девизни резерви, коишто се во сигурната зона, со динамика на промена во последниот квартал којашто е подобра од очекуваната со последните проекции. Во однос на ценовните движења, беа присутни нагорни ценовни движења во последниот квартал, коишто главно се должат на факторите од страната на понудата. Притоа, во четвртиот квартал од 2021 година, се забележува забрзување на инфлацијата како резултат на движењата кај прехранбената и енергетската компонента и привремените несовпаѓања на понудата и побарувачката, предизвикани од пандемијата. Согласно со тековната динамика на закрепнување на домашната економија и на пазарот на работна сила, засега не се согледуваат позначителни притисоци од побарувачката врз ценовниот раст. На ова упатуваат и движењата кај базичната инфлација, којашто за разлика од општото ценовно ниво, бележи малку поумерена динамика од очекуваната. Воедно, домашната инфлација е во согласност и со ценовните придвижувања забележани во еврозоната. Сепак, имајќи ја предвид неизвесноста и променливоста на факторите коишто делуваат на ценовното ниво, постојат нагорни ризици за инфлацијата, информира Народната банка.

Економијата постепено закрепнува, се наведува во извештајот, со релативно ограничени ефекти од новите бранови на ширење на инфекцијата, при натамошна имунизација, целни и помалку рестриктивни мерки и приспособување на однесувањето и навиките на субјектите, како и натамошен приспособлив карактер на политиките. Неизвесноста и ризиците и натаму постојат, како во глобални рамки, така и во домашната економија и се поврзани главно со идниот тек на пандемијата.

Народната банка напоменува дека продолжува внимателно да ги следи движењата и ризиците од домашното и надворешното окружување, заради соодветно приспособување на поставеноста на монетарната политика.

На Советот беше усвоена и новата Политиката за усогласеност на Народната банка, документ со кој се уредува процесот на обезбедување усогласеност на работењето со етичките, професионалните и законските обврски на институцијата. Со Политиката за усогласеност се разработува и се унапредува воспоставениот систематизиран процес за превентивно следење и обезбедување законито и етички усогласено работење во Народната банка. Народната банка, како централна банка, постојано работи на обезбедување високо ниво на усогласеност и интегритет во работењето, што придонесува и за соодветно извршување на нејзините цели и задачи и јакнење на довербата на јавноста во однос на работењето на Народната банка.

На седницата на Советот исто така беа разгледани и усвоени и други материјали од опсегот на работењето на банката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.