Трговските центри и нивните трговци тврдат додека немало рестрикции за невакцинираните посетители во затворени простори, бројот на заболени бил дури под 5 луѓе

Сопствениците и закупуците на простор во трговските центри велат дека во последната 1,5 година, од почетокот на пандемијата, претрпеле големи загуби. Тие сметаат дека на нив се гледа како да се причина за ширењето на вирусот, иако додека немало рестрикции за невакцинираните посетители во затворени простори, бројот на заболени бил дури под 5 луѓе. Нагласуваат дека со последната одлука на Владата, со која се забранува посета на невакцинирани лица на продавниците во трговските центри, нивниот сектор ќе биде целосно уништен.

„Носењето маски е задолжително во трговските центри, има ограничувања на бројот на посетители во продавниците, постојат сигнализации за одржување на растојание, во секој агол постојат средства за дезинфекција, има распоред за дезинфекција на сите места со кои посетителите стапуваат во контакт, сите системи за вентилација се чистат и дезинфицираат редовно“, додаваат сопствениците на дуќани.

Додаваат дека тие не се виновни што стапката на вакцинација е под 30 отсто, што немало кампања за подигнување на свеста за вакцинација, што било дозволено да се организираат свадби, концерти и музички фестивали.

Велат дека се свесни дека мора да преземат заедничка акција за да се покаже голема загриженост во однос на новиот сој што се шири многу побрзо, но тоа треба да биде и заемна одговорност.

„Со оваа одлука не споделуваме одговорност и, за жал, трговските центри се користат за да се зголеми стапката на вакцинирани лица без никакви претходни најави, консултации и заеднички напори. трговските центри се скоро празни, што значи дека преку нив не може да се зголеми процентот на вакцинирани лица“, велат тие.

Нагласуваат дека во Европа имало слични одлуки на владите, но со голема разлика, бидејќи, како што велат, одлуките не биле носени преку ноќ, без претходна јавна објава и биле поддржани со големи кампањи за кревање на свеста за вакцинација

За регионот, пак, велат дека не постојат ограничувања за влез во трговските центри, туку, напротив, владите соработувале со трговските центри каде што биле поставени пунктови за вакцинација.

„Не можеме да го зголемиме процентот на вакцинација само со казнување на бизнисите, Владата треба да преземе поголема одговорност и да бара нови начини за да ги поттикне граѓаните да примат вакцина“,  стои во нивното соопштение.

Велат дека поднеле вакви предлози за соработка до Владата, но, за жал, немало никаков повратен одговор.

Трговските центри и нивните трговци бараат да се укинат рестрикциите за невакцинираната популација во најкраток можен рок. Велат дека доколку тие продолжат многу трговци и брендови ќе бидат приморани да ги затворат своите бизниси.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.