Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМинформира дека неговата повеќегодишна иницијатива, недела да биде неработна, е 90 отсто прифатена од социјалните партнери

Тоа за македонскиот работник ќе значи дека недела ќе биде ден на неделен одмор. За мал број на дејности, кај кои процесот на работа е од таква природа што не може да се прекине, работниците кои ќе бидат ангажирани во недела ќе добијат зголемена дневница за најмалку 50 проценти, како што тоа е утврдено во Закон или колективен договор, како и право на слободен друг ден во неделата. Останува само да се утврди дали тоа ќе биде денот пред или денот по недела, како што бара ССМ – истакнуваат од сојузот.

Оттаму потенцираат дека на барање на ССМ се воведуваат и строги казни за оние работодавци кои ќе го прекршат законот, чии дејности не спаѓаат во исклучоци, со забрана за работа од 15 до 30 дена и висока парична казна.

Останува уште технички службите да го финализираат предлог текстот на Законот, а не истиот да се дополнува со желби на поединци на штета на работниците – велат од ССМ.

Од Сојузот потенцираат дека Законот за работни односи е (lex generalis), важи за сите вработени и за сите правни субјекти и не може со други закони да се дерогираат правата на работниците кои се веќе стекнати со овој закон.

Од ССМ потенцираат дека се единствениот синдикат кој ги претставува работниците во процесот на преговори за изнаоѓање на законско решение за прогласување на недела за неработен ден, односно ден на неделен одмор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.