Од денеска бензините се поскапи за половина денар, а дизелот за 3 денари. Ова вонредно зголемување на цените се должи на измените на Законот за акцизи со кои се воведува дополнителна акциза за горивата, зависно од цените на светските берзи. Измените на законот се изгласани во петокот, на 2 април, на собраниска седница по скратена постапка.

Владата пред три месеци најави дека дополнителната акциза која можеше да се применува само во време на вонредната состојба, согласно Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизи за време на вонредната состојба, ќе се преточи во закон. Новото законско решение излезе во Службен весник на 6 април, а Регулаторната комисија на 7 април излезе со соопштение според кое постапува согласно законските измени и веднаш ги зголеми цените на горивата.

Фактот што се уште не се изгласани законите поврзани со Петтиот економски пакет, а се изгласаа законските измени за акцизите на горивата, веќе предизвикува негативни реакции во јавноста, пишува „Слободен печат“.

Кога се донесе Уредбата со која се воведе дополнителнта акциза, образложението на Владата беше дека цената на горивата е многу намалена, а наспроти тоа, државната каса во време на пандемија има проблеми со полнењето и со новонастанатите трошоци кои произлегуваат од здравстевената и од економската криза. Според тогашната уредба, а сега според закон, износот на дополнителна акциза варира од 0 денари до 3 денари, зависно од тоа каква е цената на точно дефинираниот енергент, на точно дефинирана берза.

Формулата за дополнителната акциза, кога се донесе Уредбата во април, ја објасни владиниот портпарол Муамет Хоџа.

Сега акцизата се зголемува за 3 денари, но ако се зголеми малопродажната цена на нафтените деривати за 10 денари, дополнителната акциза ќе се намали за 1 денар и ќе биде само 2 денари, а ако се зголеми за 20 денари, таа ќе биде нула, односно ќе се вратиме на старата акциза – објасни Хоџа.

Кога се презентираше оваа Уредба, беа соопштени цените на горивата од 6 април лани и тие беа посочени како многу ниски. Тогаш цената на „евросупер БС-95“ била 48 денари за литар, а сега е 67,5 денари, цената за „евросупер БС-98“ била 49 денари, а сега е 69,5 денари, а цената на евродизелот била 45 денари, а сега е 58 денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.