Зоран Заев и Нина Ангеловска со ребалансот на буџетот упатија јасна порака до граѓаните дека не сакаат развој. Поважна им е личната комоција и уживањето со народни пари. Со ребалансот се крати од иднината на државата, за сметка на непродуктивни трошења, истакна на денешната прес-конференција Светислав Васев од ВМРО – ДПМНЕ.

Заев и Ангеловска со ребалансот на буџет скратија цели 52 милиони евра од ставката за капитални проекти. Со 52 милиони евра, можеше да се направат 50-тина градинки, 20-тина училишта, или една клиничка болница како таа во Штип која еве веќе трета година не можат да ја довршат. Но ништо од тоа нема да има, затоа што власта се реши да крати од развојни проекти.

И додека се крати од ставката за капитални инвестиции, се фрлаат пари на непотребни трошења. Имено Заев и Ангеловска решија да потрошат дополнителни 650 илјади евра на патни и дневни расходи. За власта беше поважно да даде 650 илјади евра за патни трошоци на функционерите, отколку да покрие една од десетиците операции во странство за кои гледаме како граѓаните секојдневно молат преку разни донации за нивните најблиски, вели Васев.

Според него, раскалашеноста на власта не застанува тука. Со ребалансот се предвидени и нови 7 милиони евра за договорни услуги, ставка што сама по себе е широка категорија и власта може овие пари да ги троши за нови партиски вработувања, хонорарни ангажирања и други работи за кои што можат да префрлаат пари директно од државата на партијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.