Со петтиот пакет завршува финансиската поддршка за исплата на плати. Ова е последно помагање за исплата на плати бидејќи се очекува излез од кризата и раст и развој на економијата, најави денеска премиерот Зоран Заев.

На прес-конференцијата на која ги презентираше петтиот пакет антикризни мерки, Заев рече дека Владата останува будно да ги следи состојбите и доколку е потребно да им се најде на компаниите и работниците.

Ова е последно помагање за исплата на плати и чесно е Владата да ја испрати пораката затоа што очекуваме излез од кризата, развој и раст. Ги следиме трендовите и она што се случува во светот, но државата е тука и ќе продолжи будно да следи и да им се најде на компаниите и на работниците и на сите граѓани кои се погодени – рече Заев.

Мерката за плати, како што појасни, се однесува на компаниите кои имаат пад на своето производство од 30 проценти во ноември, декември 2020 и јануари 2021.

Компаниите кои покажуваат пад од 30 проценти на нивото работење во ноември и декември лани и јануари оваа година во споредба со ноември и декември 2019 година и јануари 2020 година, заслужуваат да бидат помогнати. Има и компании кои имаат профит и се во добар раст и развој, има и компании кои се на прагот на својата рентабилност. Сите се погодени и затоа континуирано сме помагале, продолжуваме да помагаме – истакна Заев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.