Дали има надеж дека нашето судство ќе стане независно и ќе оценува праведно, прашуваат оштетените штедачи од Еуростандард банка Или дали и понатаму ќе гледаме нарачани пресуди, интервенции и надворешни влијанија во судската власт? И покрај сите укажувања од влијателни странски институции и наши партнери и сојузници дека ваквиот начин на работа го уназадува целото наше општество и предизвикува бројни девијации во секојдневниот живот, коишто пак извираат од неправедни пресуди, уништени животи, изгубени генерации и се разбира иселување на цели семејства и особено млади луѓе од државата, многу малку или воопшто нешто се прави позитивно на ова поле.

Дали во Македонија остана грам морал кај оние што ја водат државата? Се поставуваат личности на високи јавни функции кои немаат ниту професионален ниту морален кредибилитет и интегритет да водат државни институции. Несомнено, таков е и примерот со Павлина Црвенковска, неодамна едногласно избрана за претседател на Судскиот совет, највисокиот орган во државата која има целосни законски ингеренции да ја контролира судската власт. Во нејзината биографија, јавно објавена на интернет страната на Судскиот совет, Павлина Црвенковска заборавила да наведе дека нејзиниот сопруг е дел од криминалната мрежа на Еуростандард банка, кој преку неговата фирма „Екопласт рисајклинг“ „позајмил“ милионски кредит во евра, со сегашен сомнеж дека истиот не е потрошен наменски за тоа што е земен туку некако на истиот му се губи трагата. Преостанатиот долг кон банката изнесува 1.600.000 евра, којшто не може ни да се наплати бидејќи фирмата имала многу помало обезбедување и истата е веќе во стечај со месеци. Освен тоа, Павлина Црвенковска, сега со моќ да одлучува за судбината на судиите, од приложените документи и докази, освен за сопствеништвото на нејзиниот сопруг во фирмата за која сега се води активен стечај, се сомневаме дека и самата не го пријавала целиот нејзин имот и тој на семејството во нејзиниот јавно достапен анкетен лист.

Дали во Македонија има чувство за одговорност? Дали се уште ќе има молк, игнорирање и неказнивост за вакви видливи проневери и злоупотреби? Каква порака се праќа во јавноста кога по секоја цена сака да се задржи Павлина Црвенковска на местото претседател на Судскиот совет?

Од увидот во документите и фактите, а при целосен молк на институциите, јасно ни е дека Зоран Црвенковски не покрал преку блиска соработка со криминогеното раководство на Еуростандард банка, веќе добро познато на јавноста. Начинот на кражба е јасен. Земен милионски кредит во евра преку фирмата „Екопласт рисајклинг“, распределен и поделен соодветно, фирмата однесена во стечај. Паралелно на сето ова, Зоран Црвенковски отвора друга фирма „Еко Колектор ИЦК“, во којашто неговата ќерка е сега сопственик, а тој управител. Добро испробан криминален рецепт за правење на проневери, злоупотреби и малверзации. А нашите пари покрадени. Ги нема ни во имотниот лист на Павлина Црвенковска, личноста која сега го води Судскиот совет и има директна и индиректна контрола да врши притисок и ургенции на судиите кои ќе треба, меѓу другите измамници во грабежот на Еуростандард банка, да во блиска иднина го судат и нејзиниот сопруг Зоран Црвенковски.

Не навлегуваме во партиската припадност или знаење, искуство и компетенции за највисокото заземено место од Павлина Црвенковска во Судскиот совет. Иако и тоа е важно, за тоа не коментираме. Но, гласно говориме за моралниот интегритет и кредибилитет на Павлина Црвенковска, да го води овој висок орган во државата. Наместо да биде пример за непристрасност, отчетност, транспарентност и правичност, таа е спротивно на сето тоа. Да не дозволиме со постапките на Павлина Црвенковска да повторно бидеме покрадени во судските процеси што очекуваме да се водат против нејзиниот сопруг Зоран Црвенковски, сопствениците на други фирми кои како него ги покрале нашите пари од ограбената банка, гувернерката Бежоска и првите луѓе на Народна банка, претходната министерка за финансии Нина Ангеловска, и се разбира, раководните лица од управниот, кредитниот и надзорниот одбор на Еуростандард банка. И не е само Еуростандард банка, туку се сомневаме дека има и други судски процеси и предмети за коишто Павлина Црвенковска е наменски поставена на претседателското место на Судскиот совет за да ги реши како што ќе и биде кажано или како што и самата ќе посака.

Затоа, Павлина Црвенковска неможе и несмее да биде претседател на Судскиот совет. Сакаме да има човек со чист морален и професионален кредибилитет за претседател. Бараме оставка на Павлина Црвенковска веднаш!


Оштетени штедачи на Еуростандард банка

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.