Контрола на трошењето и правична распределба на јавните пари, унапредување на вработеноста, зголемување на продуктивноста на компаниите и инвестирање во иновации, вложување во човечкиот капитал, образованието, здравството и социјалата се само дел од препораките за праведен раст што денеска беа посочени на втората годишна конференција што Министерството за финансии ја организираше по повод Денот на Буџетот.

Според министерот за финансии Драган Тевдовски, не е доволно само да се креираат политики кои ќе создадат раст на Бруто домашниот производ, туку потребно е и плодовите од растот да се распределат праведно со што ќе се зголеми животниот стандард на сите граѓани, а не само на мал дел од нив.

Како општество имаме обврска да се грижиме за граѓаните кои живеат во сиромаштија. Подготвена е социјална реформа, со која се воведува минимален адекватен приход. Со ова ќе станеме прва земја во регионот која ја воведува оваа програма за извлекување од сиромаштија. Вложуваме во темелите на општеството – јавното образование и здравство. Сакаме нашите деца во иднина максимално да го користат својот потенцијал. Само така тие ќе имаат подобра иднина – рече Тевдовски, додавајќи дека се преземени и низа реформи за подобрување на системот јавни финансии.

За ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, Абдулменаф Беџети, во Македонија има недостиг на фискална свест дека се трошат јавни пари, а како што рече, не го охрабрува ниту потегот на Владата да ги подмири долговите на општините. Според Беџети, и денес има буџетски корисници кои нерационално се однесуваат со јавните пари и потребни се механизми за да се контролира трошењето на јавните пари.

Се уште има градоначалници, директори на културни домови, на театри на институции кои земаат јавни пари, а се однесуваат како тоа да се нивни пари. Мора да се создаде фискална дисциплина – рече Беџети, додавајќи дека јавните претпријатија се однесуваат како „слепо црево“ на централната власт.

Меѓународните институции оценуваат дека е направен напредок во државите од Западен Балкан, но оти потребно уште многу работа за да се постигне праведен раст. На земјите од Западен Балкан, велат од меѓународните институции, им се потребни пет декади за да може да го стигнат актуелниот европски просек на животен стандард на граѓаните.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.