Сметководителите денеска го повторија барањето за продолжување на роковите за поднесување на финансиски извештаи и завршни сметки со образложение дека во услови на пандемија и кога дел од нив се болни од ковид-19 или во изолација, не е можно да се стигне законскиот рок до крајот на февруари. Тие сметаат дека поради притисокот што го имаат од рокот можни се грешки во пресметките, а тоа , како што велат, ќе им наштети на бизнисите.

Со оглед на фактот дека се наближуваме до крајните рокови, а до Комората на сметководители секојдневно пристигнуваат реакции од колеги кои биле или сѐ уште се заболени или во изолација, повторно се обративме до Министерството за финансии и Министерството за економија и побаравме пролонгирање согласно законските можности. Имено, во членот 477 од Законот за трговски друштва е пропишано дека годишната сметка се поднесува во рок од 2 месеци од завршување на календарската година, освен ако надлежниот орган истиот не го продолжи на три месеци. На овој ист член се повикаа минатата година кога на 13.03 добивме продолжување, но, нас ни треба ваква одлука час поскоро и да биде соодветно продолжувањето на состојбите кои се критични, со цел непречено работење и зачувување на здравјето и дигнитетот на професионалците од оваа дејност, а не тоа да биде во последен момент – рече Ана Тасевска, потпретседател на Комората на сметководител.

Таа апелираше Министерството за финансии и Министерството за економија, да ги искористат своите надлежности и согласно актуелните можности во Законот за трговски друштва да ги пролонгираат роковите за годишни сметки и финансиски извештаи

Комората на сметководители потсетува дека споредбено со Европа во нашата земја има најкратки рокови за поднесување на годишните сметки и апсолутно смешни се оправданијата дека некакви статистички податоци за Европската Унија зависат токму од нас, а уште помалку дека истите треба да се ставаат пред здравјето на граѓаните.

Според сметководителите при подготовка на законското решение за мерката Финансиска поддршка за исплата на плата, треба да се изземе од споредба месец јануари 2021 година.

Во фазата на имплементација на мерките постојано се комплицираат состојбите и се ризикува успешната реализација што би било на штета на стопанството и економијата. Конкретно, во мерка за финансиска поддршка за исплата на плати за вработените, како основа за пресметка се земаат месеците ноември и декември 2020 година и јануари 2021 година, кои се споредуваат со ноември и декември 2019 година и јануари 2020 година. Тоа значи дека за да може да ја спроведеме оваа мерка во практика, целокупната документација заклучно со 31.01.2021 година треба да биде предадена од деловните субјекти и да биде обработена, сметководствено евидентирана, анализирана и споредена со пропишаниот период. Останува не јасно зошто за споредба се зема и јануари 2021 година, во услови кога поради пандемијата имаме сериозни потешкотии квалитетно и навремено да ги обработиме дури и податоците за 2020 година- вели Драган Митковски, претседател на Комората на сметководители.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.