Македонија се соочува со сериозна ерозија на капацитетите за справување со најголемата криза која што ја гледа и
Македонија и Европа во последните декади, истакна на денешната прес-конференција, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Во продолжение следува интегрален текст од соопштението на Николоски.

Системот не функционира, а економијата пропаѓа. Но она што функционира за жал се добрите пи-ар алатки.
Една недела гледаме пи-ар алатки и по три пати појавување на ден со разни информации, но никаква активност.

Една недела гледаме како си тераат сопствен пи-ар на грбот на граѓаните, а реалноста е дека ништо не функционира.
Претседателот на државата самиот призна дека системот не може да издржи и дека системот ќе колабира. Па јавно прашувам, затоа што не е негова работа да констатира состојби туку да решава состојби што направил од моментот кога сфатил или добил информација дека системот на може да издржи до овој момент? Дали само констатира или решава проблеми? Тој од мај месец оваа година е претседател на државата а не аналитичар и е избран н највисоката позиција во државата за да решава проблеми.

Во таа насока вчера без грам чувство ја гледаме Шеќеринска и Димитров како ловат политички поени, а во исто време на Никола Димитров како прв човек на МНР му се заглавени илјадници Македонци по аеродромите и граничните премини низ Европа, а истата Шеќеринска говори за стандарди, а не е неспособна да организира едно прифатилиште во Пеплиште.

Во исто време да се приземјиме и да видиме каква е реалноста. Јасно е дека не ги бива и се неспособни. Тотални аматери ја водат државата и не можат да се справат со последиците и од економската и од здравствената криза.


Прво за здравствената безбедност на Македонија. Мерките не се доволно рестриктивни, тоа не го кажуваме ние, тоа го кажуваат Обединетите нации. Согласно јавно достапните електронски податоци од Обединетите нации кои се собираат преку нивните надлежни агенции, Македонија е карактеризирана во земји кои немаат јасни ограничувања во однос на приемот на лица од други држави. Повторувам, Македонија е окарактеризирана во земји кои што немаат јасни ограничувања во однос на приемот на лица од други држави.

Регионално нашата земја се вбројува во Централна Европа и за споредба со останатите земји кои имаат далеку поголеми рестрикции. Имено според официјалните податоци на Обединетите нации 63 проценти од земјите членки на Европската Унија забрануваат влез на одредени националности, на пример Италијанци не можат да влегуваат во Германија. 26 проценти од европските земји забрануваат влез од други земји и 11 проценти дозволуваат влез само со соодветна медицинска документација. Македонија според ова рангирање не спаѓа во ниту една од овие групи, и спаѓа во други забрани што се многу помалку рестриктивни. Ова е црвен аларм значи дека Македонија спаѓа во други забрани што не се доволно рестриктивни што можеме впрочем и да го видиме.


Одлуките за затворање на гранични премини или на аеродромите доаѓаат откако ќе се појават случаи, одликите за рестриктивно движење на одредени групи на категории доаѓаат само и откако ќе се појават одредени случаи што значи дека државата касни најмалку месец дена и е соочува со катастрофата која што ја гледаме а доколку не се преземе по итни мерки уште поголема катастрофа ќе гледаме во следниот период.
Затоа ВМРО-ДПМНЕ бараше веднаш воведување на кризна состојба, нешто што не го прифати СДСМ со цел да можат да си ги носат законите, односно согласно Уставот уредбите со законска сила коишто верувајте ќе бидат од корист на богатење на фамилијата на Зоран Заев, ќе ги видите тоа какви уредби со законска сила ќе се донесат.

Во однос на економијата на бизнисот итно му е потребна инјекција, свежи пари и помош. Потребни се капитал и знаења за да се помогне на бизнисот. Што побрзо да се преземат мерки за да се спречи економска катастрофа. Веќе има поголеми отпуштања од работа во одредени градови во Македонија, и очекуваме во следниот период тие за жал да продолжат. Покрај угостителството, туризмот транспортот, се повеќе ќе биде погодена и автомобилската индустрија затоа што најголем дел од странските и домашни капацитети кои што работат во Македонија се поврзани со автомобилската индустрија, а автомобилската индустрија веќе влегува во рецесија во Европа.

Имаме веќе најави за огромни отпуштања на огромен број на работници, насекаде низ Македонија, за тоа владата не презема ништо.

Затоа предлагаме замрзнување на обврските на компаниите кон државата чија што работа е поврзана или е погодена со ситуацијата. Второ замрзнување на обврските за компаниите кон банките и заемодавателите, најмалку за месец март а доколку е потребно и кризата продолжи, и за месец април. Трето, владата да ги преземе обврските да ги сторнира и да ги плати каматите по однос на кредитите на компаниите за месец март, а доколку продолжи кризата и за месец април. Четврто државата да ги плати трошоците за вработените во компаниите кои што се погодени во висина од 50% од вкупниот трошок за вработените, односно 50% од бруто плата. И конечно последно потребно е веднаш да се направи анализа на сето она што се случува во моментот, кои сектори и компании се погодени и на истите да им се исплатата субвенции од страна на државата како би можеле да го преживеат овој период.


Смешни 5 милиони евра не ја решаваат состојбата. Државите околу нас одат со помош која што се брои во стотици милиони евра, дури и во милијарди евра. Потребни се субвенции за најпогодените сектори.
Исто така еден сектор кој што досега не беше споменуван, а е многу значаен е транспортниот сектор. Предлагаме да не се плаќа патарина за сите оние кои што вршат транспорт на патници и на стока. Државата да ја преземе обврската за трошоците за регистрација на возилата, камионите и автобусите при следната регистрација. Поедноставено транспортните компании да не ја платат следната регистрација кога ќе ги носат возилата за регистрирање. Трето да се поделат субвенции за овие компании.

Ова не е битка за поени, ова прераснува во нитка за опстанок на државата. Се што ќе се става под тепих ќе излезе и тоа многу побрзо од тоа што се очекува и тоа за жал овие денови.

Укажуваме јавно што треба да се преземе и кои чекори треба да се преземат. Пред месец дена апелиравме за чекори кои што денеска се преземаат. Повикуваме овие мерки да се преземат денеска за да го спасиме македонското стопанство, како и да го спасиме здравјето на граѓаните.

Неспособноста на владата за жал ја видовме и ја плаќавме со криминал и сиромаштија да не ја плаќаме со човечки животи и изгубени работни места. Едноставно кажано, неспособни се и аматери ја водат државата но, тие се во моментов и мора да направат се, за да се спречат последиците со кои што се соочува Македонија.
Ние чесно им ги нудиме нашите совети, нашите барања, тоа што можеме да го направиме како опозиција, стручни тимови во делот на здравство, во делот на економијата работат во ВМРО-ДПМНЕ, и затоа повикуваме овие мерки да бидат послушани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.