Денешниов прес е со цел да ја запознаеме македонската јавност со тоа како СДСМ, кој сега жестоко се противи на нашиот предлог за зголемување на ликвидноста во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, во првата половина од минатата, 2019 година, на мала врата успеа да ги испразни приватните пензиски фондови за цели 120 милиони евра или 7,2 милијарди денари и сето тоа да го продаде во јавноста како наводна реформа со која се стабилизирал пензискиот систем во Македонија. Ова се изврши со масовна операција со која околу 16.000-17.000 осигуреници, без да бидат прашани, заедно со своите заштеди кои им беа конфискувани, беа трансферирани во државниот пензиски фонд – ФПИОМ, ова денеска преку прес-конференција го истакна Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ.

-Согласно Законот за измени и дополнување на Законот за капитално финансирано пензиско осигурување (Сл. Весник бр. 245/2018), донесен од страна на македонскиот парламент на седница одржана на 28 декември 2018 година, кој стапи на сила на 1 јануари 2019 година, направени се следниве суштински измени кои, според логиката на ставовите изнесени од високи претставници на СДСМ во текот на изминатите денови, претставуваат груба повреда на правата на одредени групи осигуреници во системот на пензиско-инвалидско осигурување во Македонија, вели Славески.

Тој додава дека со овие измени по сила на закон им престана членството во вториот столб и нивните средства се префрлија во државниот ФПИОМ, на следниве групи осигуреници:

1. Сите лица родени пред 1 јануари 1967 година, а биле вработени за првпат по 1.1.2003 година. На овие осигуреници нивните средства во рок од 6 месеци согласно Закон им се префрлени во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, а осигурениците остануваат членови само во тековно финансираното пензиско осигурување засновано на генерациска солидарност, т.е. во државниот ФПИОМ.
2. На 1 јануари 2019 година од членството во задолжителен приватен пензиски фонд се исклучени сите категории на осигуреници кои имаа бенефициран стаж и нивните средства во рок од 6 месеци се префлени во Фондот на ПИОМ.
3. Сите индивидуални земјоделци со својство на осигуреник во вториот пензиски столб, заедно со нивните средства, се префрлени во државниот пензиски фонд.
4. Сите вршители на самостојна дејност за трговија на мало на тезги и пазари со својство на осигуреник во вториот пензиски столб, значи приватните пензиски фондови, заедно со нивните средства, се, исто така, префрлени во државниот пензиски фонд.

Врз основа на следниве сега изнесени несоборливи факти, ги упатуваме следните прашања до господинот Зоран Заев и до г-ца Мила Царовска, поранешен министер за труд и социјална политика во Владата на Македонија

1. Господине Заев: Дали на горе наведените категории осигуреници и префрлањето на нивните средства во државниот пензиски фонд по административен пат извршивте експропријација на нивниот приватен имот, слично како да им отидете дома и од таму да им земете пари?
2. Господине Заев, дали ова се сведува на посегање на нивни лични средства на нивните сметки во банка? И дали планирате на некој начин да ги обештетите овие 17.000 граѓани на кои без да ги прашате сте им ги земале личните заштеди од нивните сметки во приватните пензиски друштва? Да ве потсетиме, станува збор за 120 милиони евра!
3. И на крај, прашање до г-ца Мила Царовска: Како од денешна перспектива, кога вашиот лидер Зоран Заев кажува дека посегањето по личните сметки на граѓаните претставувало своевидна кражба, гледате на фактот што, според логиката на вашиот лидер, трајно сте оштетиле 17.000 осигуреници во приватните пензиски фондови – илјадници професионални војници, припадници на МВР, рудари, земјоделци, самостојни трговци и бројни други осигуреници.

-ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш повикува сериозно да се разгледа нашиот предлог почнувајќи од март оваа година делот од придонесот за пензиско-инвалидско осигурување кој се насочува кон едно од трите пензиски друштва за капитално финансирано пензиско осигурување (приватни пензиски фондови), одреден временски период додека трае кризата и последиците од неа да се уплаќа во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија. Оваа поддршка му е неопходна на државниот пензиски фонд со оглед на тоа што речиси 100% од пензиите на тековните пензионери се исплаќаат од овој фонд и дури и во нормални околности недостигот на средства државата го надополнува со трансфери од државниот буџет. Значи, не станува збор за некакво зафаќање на средства на осигурениците кои се акумулирани на нивните сметки кај приватните пензиски друштва, кое што видовме го направи Владата на СДСМ изминатата година, како што сега сака да манипулира од страна на власта и медиумите под нивна закрила. Дури може да се размислува во иднина, кога ќе се стабилизираат состојбите, осигурениците да се компензираат за висината на овие средства кои времено ќе се пренасочат кон ФПИОМ за непречена и навремена исплата на пензиите, истакнува Славески.

Тој вели дека уште еднаш сакаме да потсетиме дека ваквата практика не е невообичаена кај земјите кои имаат задолжителен втор пензиски столб како и нашиот. По глобалната финансиска и економска криза од годините 2007 до 2009 низа земји од Централна и Источна Европа, како што се Балтичките земји, Словачка, Полска, Унгарија и други интервенираа со пренасочување на уплатите на придонеси од приватните кон државниот пензиски фонд. Може да се очекува дека така ќе постапат и сега, под налетот на тековнава криза. Најави веќе постојат, а најмалку една од нив, Естонија, веќе има предлог-закон во оваа насока.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.