Годината на економски план во Македонија помина со анемичен економски раст и стапка на инфлација од околу 20%, двојно повисока од таа во Еврозоната. Има само едно објаснување за оваа разлика – таа се должи на домашни фактори, пред сé на популистичките политики на Владата предводена од ДУИ и СДСМ за вештачки раст на платите во номинален износ. Сведоци сме дека нивната вредност реално опаѓа, затоа што е неможно да се зголемува животниот стандард на населението во услови на перманентен пад на продуктивноста на факторите во изминативе 5-6 години, вели во разговор за „Локално“ Трајко Славески, поранешен министер за финансии и актуелен претседател на Советот на Град Скопје.

Вели дека не може да согледа директна врска меѓу буџетот и намерата за борба со сивата економија и дека за тоа е потребна волја и независност на институциите да си ја обавуваат својата работа независно, „без да подлегнуваат на притисоци на луѓето од власта“.

-Буџетот е гломазен и дополнително ќе ја подгрева инфлацијата. Доколку буџетот не е во функција на економскиот раст и целиот товар во борбата со високата инфлација го префрла врз Народна банка на Македонија, сите сме губитници, освен, се разбира владата и владејачките партии, но само на краток рок, смета Славески.

За најавата на Ковачевски дека 2023-та нема да биде изборна година, посочува дека сосема е очекувано тоа што го кажува премиерот.

-Свесен е дека на следните избори ќе загуби со огромна разлика, но не сум сигурен дека е свесен дека како што одминува времето, таа разлика само ќе се продлабочува. ВМРО-ДПМНЕ на дневна основа реагира на катастрофалното владеење на партиите на власт и влева надеж кај граѓаните дека сепак постои алтернатива на оваа неспособна и корумпирана владеачка гарнитура, која треба што поскоро да си замине, истакнува.

За поголемиот рејтинг на Груевски во однос на актуелниот претседател на партијата, Мицкоски, барем според последната анкета на ИРИ, Славески тврди дека испитаниците поранешниот премиер Груевски го ставале во однос на перформансите на неговите наследници на Функцијата претседател на Влада – Заев и Ковачевски.

– Произлегува дека и покрај сите пропусти направени за време на неговото владеење Груевски има повисок рејтин од тој на Заев и Ковачевски заедно, од познати причини, додава поранешниот министер од Владата на ВМРО-ДПМНЕ за „Локално“.

Како ја оценувате изминатава година на економски план, во која имаше големи шокови во целиот свет, поради конфликтот во Украина и рапидно зголемување на цените на производите и услугите?

– Конфликтот во Украина е само една од причините за проблемите го глобалната економија. Дури, ако се суди според цените на природниот гас и другите енергенси на светските берзи во моментов, негативните ефекти од овој конфликт се во голема мера стишани, што не значи дека нема да се засилат повторно доколку не се постигне решение за прекин на непријателствата во догледно време. Високите стапки на инфлација на глобален план се должат, пред сé, на ефектите од високите буџетски дефицити и масовните фискални интервенции на владите за поддршка на команиите и населението заради ублажување на последиците од пандемијата Ковид 19. Кај нас годината поминува со анемичен економски раст и стапка на инфлација од околу 20%, двојно повисока од таа во Еврозоната. Има само едно објаснување за оваа разлика – таа се должи на домашни фактори, пред сé на популистичките политики на Владата предводена од ДУИ и СДСМ за вештачки раст на платите во номинален износ. Сведоци сме дека нивната вредност реално опаѓа, затоа што е неможно да се зголемува животниот стандард на населението во услови на перманентен пад на продуктивноста на факторите во изминативе 5-6 години.

Енергетската и економската криза ги „тишти“ граѓаните, Владата донесе одредени мерки за помош на бизнисот, но колку тие се доволни за да се надмине периодов?

– Просторот во државниот буџет за поддршка на компаниите кои се соочуваат со високи трошоци за енергија е стеснет до крајни граници. Под притисок на ММФ Владата веќе срамежливо превзема некои мерки за фискална консолидација. Компаниите се во голема мера оставени сами на себе да се приспособуваат на новите околности, при што во краен случај сметката од надворешните шокови ќе ја сносат граѓаните.

Премиерот ги најави промените во даночната политика. Она каде и двете партии се согласуваат и дека прогресивното оданочување не е добар систем за земјава. Се повеќе сепак се говори за оданочување на „екстра профитот“, тоа го најави и Бесими. Дали ВМРО-ДПМНЕ е за воведување на оваа мерка?

– Ќе изнесам личен став. Мислам дека мерката како што е замислена е неоправдана. Не е коректно повикувањето на искуства од други земји кои вовеле вонредни даноци во изминативе година-две. Сепак, една политичка влада која одговара пред граѓаните има право да воведува какви сака даноци. Но, треба јасно да се претстави логиката на новите зафаќања. Некои земји од Европа воведоа даноци на т.н. „профити паднати од небо“ (windfall profits), кои не се резултат на поефикасно работење на компаниите. Таков е примерот со енергетските компании кои произведуваат електрична енергија со помош на фосилни горива, атомските ценрали, фотоволтаици и сл. Во услови кога цената на електричната енергија се формира врз основа на производителите со највисоки трошоци, а тоа се гасните електрани, првите остваруваат екстра профити и постои оправданост да се оданочат со дополнителни давачки. Кај нас немаме вакви примери, со оглед на тоа што ЕСМ е компанија во државна сопственост.

Колку длабоката поделеност меѓу најголемите партии влијае врз одлуките кои носат економски бенефит на граѓаните? Честото блокирање на законите во Собранието им донесе штета не само на СДСМ, туку и на граѓаните…

– Процесот на демократско одлучување е насекаде поставен за да постои контрола врз работата на владата и да се одбегне тиранија на мнозинството. Подобра комуникација и соработка на власта со опозицијата заснована на коректни односи би била во полза на општеството во целина.

Новиот буџет за 2023-та, меѓу другото, најавува и зголемена борба со сивата економија. По ваше мислење, колку е тој развоен, и колку може да биде таков во време на енергетска и економска криза, и зголемена инфлација? Кој е најголем губитник, а кој најголем добитник од буџетот за претстојната година?

– Да бидам искрен, не можам да согледам директна врска меѓу буџетот и намерата за борба со сивата економија. За ова треба да постои волја и можност институциите за контрола (ДКСК, Финансиска полиција, Обвинителство и судовите) да си ја обавуваат својата работа независно, без да подлегнуваат на притисоци на луѓето од власта. Буџетот е гломазен и дополнително ќе ја подгрева инфлацијата. Доколку буџетот не е во функција на економскиот раст и целиот товар во борбата со високата инфлација го префрла врз Народна банка на Македонија, сите сме губитници, освен, се разбира владата и владејачките партии, но само на краток рок.

Во 2023 година за прв пат планирани се средства за ново независно тело – Фискален совет, а главната задача ќе му биде да прави економски анализи и оценки за состојбите. Потребно ли е вакво тело?

– Фискален совет е потребен и може да биде инструмент за поодговорна фискална политика. Само се плашам дека ова тело, како и многу други во државата, да не се екипира со некомпетентни личности и партиски послушници. Ако тоа се случи, подобро е да го нема!

Мицкоски постојано е на терен, ги обиколува општините и самиот реферира за постигнувањата. Дел од јавноста сепак вели дека тоа се само „празни зборови“ и дека промените кои ги најавуваше ги нема. Како вие ја оценувате изминатата година на локално ниво, најмногу во општините каде имате свои градоначалници?

– Локалните власти се транспарентни. Кризата со високите цени на енергијата нив и општинските јавни претпријатија ги погоди многу посилно во споредба со централната власт. Од она што гледам, сепак и во такви отежнати околности, дури и со блокади кои доаѓаат од страна на централната власт, тие успеаја во првата година да реализиреаат бројни проекти од нивните програми во насока на подобрување на условите џа живот на граѓаните на локално ниво.

Настрана економијата, Ковачевски изјави дека 2023-та нема да биде изборна година? Што оттука натаму за ВМРО-ДПМНЕ, како ќе делувате на политички план?

– Сосема е очекувано тоа што го кажува премиерот Ковачевски. Свесен е дека на следните избори ќе загуби со огромна разлика, но не сум сигурен дека е свесен дека како што одминува времето, таа разлика само ќе се продлабочува. ВМРО-ДПМНЕ на дневна основа реагира на катастрофалното владеење на партиите на власт и влева надеж кај граѓаните дека сепак постои алтернатива на оваа неспособна и корумпирана владеачка гарнитура, која треба што поскоро да си замине.

Дали условувањето за промена на Уставот со предвремени избори е во полза на ВМРО-ДПМНЕ или на граѓаните? Треба ли да се направи надпартиска позиција во однос на евроинтеграциите?

– Не мислам дека партијата ВМРО-ДПМНЕ се изјаснила дека би го променила Уставот доколку дојде до избори. Напротив, ставот е јасен – нема промена на Уставот во полза на сосед кој го негира самото битие и правото на постоење на мнозинскиот народ во Република Македонија. Инсистирањето на избори во овој контекст е да им се даде можност на граѓаните самите да одлучат која опција е за нив поприфатлива, таа на ВМРО-ДПМНЕ или на СДСМ и нивните сателити на кое не им пречи обезличувањето и тенденцијата кон целосно укинување на Македонскиот народ.

Како ја оценувате последната анкета на ИРИ, каде поранешниот претседател Груевски има поголем рејтинг од актуелниот Мицкоски?

– Мислам дека испитаниците поранешниот премиер Груевски го ставале во однос на перформансите на неговите наследници на Функцијата претседател на Влада – господата Заев и Ковачевски. Произлегува дека и покрај сите пропусти направени за време на неговото владеење Груевски има повисок рејтин од тој на Заев и Ковачевски заедно, од познати причини. Заев и Ковачевски ќе останат запаметени како едни од најлошите премиери во независна Македонија. На претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, како што самиот истакнува, битни му се перформансите на тимот околу него во насока на спас на земјата по девастацијата што ја предизвикаа сегашниот прфемиер и неговиот претходник Зоран Заев.

Според вас, што можеме да очекуваме во 2023-та година, каде се „движи“ земјава?

– И јас припаѓам кон мнозинството граѓани кои сметаат дека земјава се движи во погрешна насока. Тоа за мене е неприфатливо и се борам со сиот свој потенцијал за нештата да тргнат кон подобро. Дозволете, за крај, на вашите читатели дас им посакам многу здравје, среќа и успеси во Новата 2023 година, а на Православните Христијани да им ги честитам Божиќните празници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.