Почнува склучувањето на договорите за јавниот повик за доставување понуди за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до три хектари. Вкупно на овој повик ќе се склучат 318 договори, односно над 600 хектари државно земјоделско земјиште во различни региони во државата.

За разлика од огласите преку кои Министерството ги објавува расположливите слободни парцели, со овој повик им овозможивме на земјоделците во претходниот период доколку самите имаат информации каде има слободно неоптоварено земјоделско земјиште самоиницијативно да пројават интерес преку изработка на геодетски елаборат и прибирање на сите потребни документации пропишани со јавниот повик – соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Додаде дека имало огромен интерес и оти ова е најголемата бројка на склучени договори.

Доставените понуди се однесуват на земјоделско земјиште во државна сопственост во 33 региони низ државата. Овој јавен повик, како што рече, се однесуваше на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини до три хектари, од четврта до осма катастарска класа, односно парцели кои се со понизок квалитет, но сепак може да се искористат за земјоделско производство.

На овој начин како што рече создаваме поволни услови сите земјоделци кои вќе се занимаваат со земјоделство, оние кои сакаат да го прошират своето производство или сакаат да почнат нов бизнис да дојдат до земјоделско земјиште. Истовремено преку ваквиот тип на повици директно ќе влијаеме и на зголемување на обработливите земјоделски површини – рече Николовски.

Земјиштето за кое денеска се склучија договори, може да се искористи за подигнување долгогодишни насади, оранжерии, долгогодишни насади со лешник, маслинарници и други земјоделски култури за период до 15 години, ливади исто за период до 15 години, за брзорастечки дрвја за рибници и за спортско рекреативни активности и рурален туризам.

Според Николовски, овој повик е само еден мал дел од целокупната стратегија за ставање во функција на целокупното земјиште за што МЗШВ, како што рече, разви и реализира посебна Страгегија со голем број активности.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.