Скопскиот градоначалник Петре Шилегов на вчерашната седница на Град Скопје, директно им се закани на 1.200 административци дека ќе ги отпушти од работа. Пред неполн месец и министерот за информатичко општетсво и администрација, Дамјан Манчевски најави дека во втората половина на 2019 година ќе има поголеми измени во администрацијата со нејзина реорганизација и оптимизација, процес кој би завршил до 2021 година, а за претстојните активности ќе следи серија законски измени, а меѓу останатото ревизија на Законот за организација на органите на државна управа, пишува Нетпрес.мк.

На обвинувањата од страна на советничката од ВМРО-ДПМНЕ Светлана Колариќ дека Шилегов вработил нови 25 луѓе во Јавното претпријатие „Градски паркинг“ и дека тие се партиски војници, тој изјави дека морал да вработи нови луѓе во администрацијата бидејќи, луѓето кои биле примени од претходното локално раководство биле нестручни.

Имаме 1.200 административци повеќе од она што ни е потребно. Веднаш ќе потпишам во „Градски паркинг“ да останат само 130 вработени кои се стручни и тогаш веќе нема да треба да вработувам нови. ЈСП има 700 административци, или повеќе отколку што има возачи. „Градски паркинг“ јас кога станав градоначалник имаше 237 вработени, а сега има 258. Од нив половината се вишок и слободно може да си одат. Вработувани се по партиски клуч и тоа ни е јасно, а мене ми требаат стручни луѓе. Како да не вработувам нови. Ве повикувам вие да бидете претседател на комисија што ќе направи списокот на над илјада вработени од јавните претпријатија кои би требало да бидат отпуштени, вели Шилегов.

Според најавите на министерот Дамјан Манчевски, Владата ќе ја спроведува реформата со препораки на Европската Унија и СИГМА и со помош на УСАИД и УНДП. За претстојниот процес, според Манчевски, ќе бидат потребни и серија на законски измени.

За некои можеби ќе биде и болен процес, но тоа е нешто што мора да се направи за да се стави ред на хаосот. Тоа ќе значи укинување можеби на институции, намалување на бројот на менаџери, управни одбори и раководни лица. Во прв план да се обидеме на луѓето да им најдеме место во системот доколку анализата нормално укаже дека одреден број на луѓе се прекубројни како што веќе најавуваме долго време ќе подготвиме една понуда до приватниот сектор и под одредени услови ќе се обидеме да ги префрлиме луѓето таму, рече Манчевски, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој дополнува дека првичните активности од спроведувањето на хоризонталната функционална анализа во администрацијата по усвоениот Акциски план, со конкретни мерки и временска рамка, на што пак претходеше мапирање на постојните институции. Прво направена е анализата на инспекциските служби, чии наоди укажуваат дека во одреден дел постојат преклопувања на надлежностите. Во случаите, пак, кога инспекциските служби се организирани во рамки на министерство или друг орган на управата, инспекторите често вршат и други работи и работни задачи кои не се нивна работа.

Очекуваните придобивки се да се воспостави рамка за институционална организација, ќе се реши проблемот со преклопување на надлежностите на институциите, како и проблемот со институции со еден човек. Ќе имаме јасни критериуми за тоа кои институции од кого можат да бидат основани и која институција пред кого одговара. Да престане админстративниот пинг понг со граѓаните и фирмите, рече Манчевски на прес-конференција.

Според Манчевски, со претстојните активности институциите ќе се групираат по области на дејствување. Министерствата ќе бидат креатори на политики, агенциите ќе се задолжени за спроведување на политиките, а функцијата на надзор ќе биде во надлежност на инспекторатите. За тоа ќе биде потребна и ревизија на Законот за организација на органите на државна управа. Опциите за институциите се да го задржат статусот и функцијата, да бидат присоединети со друга институција, а може да дојде до спојување на повеќе институции во една, да дојде до укинување на институцијата и пренос на нејзината надлежност на друга институција, но и да се формира нова институција – во исклучителни случаи каде што функцијата се извршува дисперзирано од страна на повеќе институции или е сосема нова функција.

Со буџетот за следната година е предвидено зголемување платите на вработените во администрацијата за пет отсто, ќе има и нови вработувања, но тие секако ќе треба да го следат трендот на излез на администрацијата.Имаме превработеност во администрацијата, но и недостаток од професионален кадар. За тоа мора да најдеме решение со мерки и политики кои ќе не доведат до тоа, рече тој.

Како што покажала направената анализа на регулативата, само 62 органа се регулирани со Законот за организација и работа на органите на државната управа, а 66 со посебни закони. Тоа, укажа ресорниот министер, значи дека повеќе од половина од државните органи се формирани без да им се определи јасно статусот, не се препознаваат линии на одговорност, а постои и поклопување на надлежности. Регулативата со која се формираат агенциите и инспекциските служби на централната власт е фрагментирана, сложена, нејасна и предмет на чести измени и дополнувања, потенцираше министерот за информатичко општетсво и администрација.

Бројот на вработени во јавниот сектор, како што рече Манчевски, се намалува и изнесува околу 125.000.

Според генералниот секретат на Синдикатот на вработените во управата и правосудните органи (УПОЗ), Трпе Деаноски, во институциите фалат висококвалификувани кадри, бидејќи дури и на огласите не конкурираат вакви кадри поради ниските понудени плати, а околу процесот на реорганизација на администрацијата сепак процесот би се одвевал во соработка со синдикатите и не би било многу лесно да се отпуштаат луѓе без претходно да им се понудат соодветни опции за доедукација или пка како што е најавено укинување на цели сектори.

Само во периодот од 2016 до сега се вработени 1.200 административци и тоа преку агенцијата за привремени вработувања, повеќето од нив се на раководни функции, нова систематизација има ама не сме ја виделе, ама никој не може да биде избркан или префрлен во приватен сектор без спроведување на соодветна законска процедура, вели Деаноски.

Поради неисполнување на барањата на Конфедерација на слободни синдикати од страна на власта, како и лошите законски измени за работните односи, претседателот Благоја Ралповски најавува масовни штрајкови почнувајќи од Прилеп за сигурност на работните места во администрацијата.

Со измените на Законот за работни односи од јуни оваа година, се дава правен основ за престанокот на работниот однос од деловни причини да се врши врз основа на критериуми утврдени со колективен договор без притоа да се допрецизира што значат тие деловни причини, како и во делот на јавниот сектор каде се наведува функционална анализа како причина за отказ без дополнителни објаснувања, објасни Ралповски.

Според него просечната плата во јавниот сектор изнесува околу 17.600 денари, а најдискриминари се наставници, професори, вработени во градинки, државни службеници.

За проблемите и барањата разговарале и со премиерот Зоран Заев, но, укажа, нема подобрување на работите.

Ралповски објаснува дека можеби е точно дека дел од администрацијата е неефикасна, но посочи и дека има недостаток и на нестручен кадар бидејќи постојано се вработуваат референти и во моментот има случаи во одредени сектори да има еден инспектор, а 15 референти.

Конечно треба да прекине синџирот на вработување на основ на партиска книшка ако сакаме функционална и добра администрација, појасни Ралповски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.