Договорите за работа на определено време да не траат подолго од една година, породилното отсуство да трае најмалку 12 месеци, Ковид-19 да се третира како професионално заболување и да се иплаќа цела плата, како и да се укине членот од законот кој овозможува работодавачот да ангажира работник да работи прекувремено три месеци, а за тоа да не му плати, се црвените линии од кои ССМ нема да отстапи при преговорите за донесувањето на новиот закон за работни односи.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, на прес-конференцијата по состанокот со министерката Шахпаска, изјави дека на работната средба разговарале за спорните прашања за кои со работодавачите не успеале да постигнат договор, но оти имаат оддршка од МТСП.

Бараме договорите за работа на определено време да не траат подолго од една година бидејќи по овој основ за време на ковид-пандемијата изгубивме речиси 70 отсто од работните места, а со тоа оставивме голем број работници без основна егзистенција. По истекот на една година бараме Агенцијата за вработување по автоматизам да го трансформира односот од определено во неопределено време – изјави Димовски.

Тој вели дека ќе настојуваат Ковид-19 да се третира како професионална болест, па и во приватните фирми тие што ќе одат во изолација или самоизолација да добиваат 100 отсто од платата, а не 70 како да се на боледување.

Во фундаменталниот Закон за работни односи бараме и да се изостави членот 117, став 2, кој овозможува работодавачот да ангажира работник три месеци прекувремено, а за тој период да не му биде платено. Знаеме дека таму стои дека работодавачот може при зголемен обем на работа да ангажира работници, па сите го прават тоа, посебно во приватниот сектор и сметам дека ова е нефер член во законот и бараме негово укинување – вели Димовски.

Тој рече дека со министерката се усголасиле целосно по прашањето за недела неработен ден. Дневница зголемена за 100 проценти од основната и слободен ден ќе добиваат. Останатите работници од дејностите на кои поради спецификата или неопходноста за фунционирање на државата ќе им биде дозволено да работат во недела ќе добиваат дневница зголемена за најмалку 50 проценти и слободен ден, но, таа може да биде и повисока ако тоа се утврди со колективен договор или друг закон освен Законот за работни односи. Договорено е и да се работи само во една смена од 10 до 18 часот.

На средбата било договорено и со колективен договор здравствените работници да можат да користат годишен одмор до 36 дена.

Со МТСП сме на иста линија треба да седнеме со работодавачите и врз основа на тие факти да кажеме дека е тоа неоходно за да функционира ова општество бидејќи знаеме дека во време на Ковид-19 работниците ги изгубија работните места и сакаат да ја напуштат државата. Ние само преку фундаменталниот закон за работни односи и колективните договори може да ги заштитиме – изјави Димовски и додаде оти се надева дека законот ќе биде донесен уште во текот на годинава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.